Дождливото  и ветровито време, не ги поколеба комуналните хигиеничари, вработени во Општина Карпош, и останатата администрација да започнат со пролетното големо чистење на локалната самоуправа. Како што истакна градоначалникот на Општината Стевчо Јакимовски, оваа е традиционална сезонска акција на масовно чистење на сметот во пресрет на доаѓањето на пролетта.

 

 

–          Со  постепеното затоплување на времето, снегот се топи, и остануваа ѓубре, хартија и друг вид на отпадоци кои влијаат штетно врз животната средина. Денеска, почнуваме од урбаната заедница ,, Владо Тасевски“, и во наредните триесеттина дена, секој ден ќе чистиме по една урбана или месна заедница, која се наоѓа на територијата на Општина Карпош, напомена  општинскиот татко Стевчо Јакимовски.

 

 

Првиот човек на Општината, уште еднаш нагласи, дека за  хигиената целосно се грижи локалната самоуправа со сопствени буџетски средства, и покрај законската обврска на ЈП ,, Комунална Хигиена“, да ја чисти Општина Карпош. Градоначалникот Јакимовски, исто така ги повика граѓаните, веќе на пролет, да ги изнесуваат непотребните предмети, и дотраени апарати за домаќинство, и со помош на Општина Карпош, истите да бидат однесени на соодветно место, т.е на депонија, предвидена за смет и ѓубре.

 

 

Градоначалникот на Општина Карпош, ја поздрави акцијата на индивидуалните граѓани за посадување на дрвја во населбата Карпош 4, но нагласи дека во изминатите четири години, локалната самоуправа засадила вкупно 10.280 дрвца и садници, или симболично секое семејство во Карпош 4 има свое дрво, со што Општината го носи епитетот на една од најзелените локални самоуправи на територијата на Република Македонија. Јакимовски, истакна дека во континуитет службите на Општина Карпош работат на зазеленување на локалната самоуправа, одржување на постојното парковско зеленило. Градоначалникот на Карпош, изрази сомнеж дека зад оваа ЕКО-акција во Карпош 4, се крие обид за собирање на политички поени пред изборите, односно се прави обид за политизирање на состојбата со зеленилото во Општина Карпош.