Водејќи се според премисата за поефикасно распоредување на буџетските средства на Општина Карпош, градоначалникот Сотир Лукровски заедно со Секретарот на Општината, Мирјана Пехчевска Поп Илиева и претседателот на Советот Христо Саракинов, денеска се сретнаа со граѓаните од УЗ „Владо Тасевски“. Во рамки на работната средба, жителите на оваа урбана заедница ги посочија своите приоритети кои ќе бидат разгледани од општинското раководство. Во случајов, најкреативните барања, предлози и сугестии од граѓаните ќе бидат преточени во конкретни проекти во согласност со општинскиот Буџет за 2026 година.

                Според жителите од „Млечен“, локалните власти треба да се фокусираат кон реконструкција на неколку улици во тој реон, кон санација на неколку ударни дупки на повеќе локации низ урбаната заедница и уредување на пешачките патеки и тротоари. Жителите апелираа до локалната самоуправа да го реши проблемот со дотраената урбана опрема на детските игралишта, да се разгледа можноста за поставување на фонтани за пиење вода и  да бидат санирани неколку летниковци каде што се социјализираат карпошани. Како еден од поакутните проблеми, граѓаните ја наведоа актуелната состојба со недостаток од слободни паркинг места во овој реон и потребата од изградба на платформи за паркирање и воведување на зонско паркирање.

                Граѓаните предочија и неколку предлози за подобрување на хортикултурата, преку засадување на нови садници и уредување на зелените појаси и блоковско зеленило. Тие изнесоа повеќе забелешки околу хигиената, при што побараа од општината да ги замени оштетените корпи за отпадоци и да продолжи со акцијата за отстранување на хаварисани возила. Од аспект на безбедноста, жителите од УЗ „Владо Тасевски“ побараа повторно обележување на пешачките премини, поставување на ограничувачи на брзината и поактивно присуство на полициските службеници, во насока на зголемена сообраќајна и јавна безбедност.