Како дел од планираните активности во процесот на формирање на општинскиот Буџет, градоначалникот Сотир Лукровски заедно со Секретарот на Општината, Мирјана Пехчевска Поп Илиева и претседателот на Советот Христо Саракинов, денеска се сретнаа и разговараа со граѓаните од урбаните заедници Карпош 1, 2, и 4, како и со жителите на Влае 1. Во рамки на посетата, општинското раководство напомена дека секојдневно одржува редовна комуникација со карпошани, со цел да ги евидентира нивните проблеми и да изнајде најсоодветно решение за нив. Во случајов, најприоритетните барања, предлози и сугестии од граѓаните ќе бидат преточени во конкретни проекти во согласност со општинскиот Буџет за 2026 година.

 

                Според жителите од населбите Карпош 1 и 2, најакутен проблем во овој реон е состојбата со паркирањето. Со оглед на тоа што овој дел од локалната самоуправа граничи со општина Центар, во овој дел на Карпош се создава поголема фреквенција на паркирани возила пред домовите на карпошани. Од тие причини општинските служби од Карпош ќе разгледаат неколку соодветни опции, за решавање на сообраќајниот метеж во овој дел на општината. Во оваа пригода карпошани побараа да се реконструираат неколку детски игралишта, меѓу кое е и инклузивното игралиште за дечињата со попреченост во Карпош 2.  

 

                Повеќе барања и предлози од граѓаните од останатите урбани заедници беа насочени и кон инфраструктурни и комунални зафати какви што се реконструкција на неколку улици, санација на покривите кај постарите станбени објекти, поставување на енергетско – ефикасни фасади, поставување на нови лифтови во зградите и интервенција во мрежата за фекална и атмосферска канализација на неколку критични точки. Граѓаните предочија и неколку проблеми со кои се соочуваат во својата локална заедница. Имено, тие побараа да се изнајдат соодветни сообраќајни решенија за поголема безбедност на пешаците а апелираа и за поставување на повеќе фонтани за пиење вода и за зголемување на бројот на корпи за отпадоци.

                И за жителите од Влае, најголем проблем претставува паркирањето, особено во непосредна близина на станбениот комплекс Александрија, кој се наоѓа во соседната општина Ѓорче Петров. Тие алармираа дека е потребна итна реконструкција на улицата Фјодор Достоевски, како и поефикасно справување со помалите диви депонии кои се создаваат низ оваа урбана заедница. Жителите од Влае 1 побараа поголемо присуство на екипите кои се задолжени за одржување на уличното осветлување.