По  повод почетокот на новата учебна година, во ООУ „ Аврам Писевски“, во населбата Бардовци,  Друштвото за пакување и управување со отпад „Пакомак“, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање им додели „ Еко моливи“ на  првоодделенците од ова училиште. На настанот,  присутни беа министерот за образование и наука  Арбр Адеми, заменик- министерот за животна средина Јани Макрадули и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.  Со  овие т.н „еко моливи“, кои откако ќе бидат искористени, потоа останува семе во нив, кое ученикот ќе го  засади во училишниот двор и ќе го одгледува соодветното растение. Целта е  да се подигне свесноста  за заштита на животната средина и околина, односно  на најмалите карпошани, уште од најрана возраст да им се всади свест и одговорност  за грижа  на животната средина. Како што нагласи и првиот човек на Карпош, еден од главните приоритети на Општината е зачувување на животната средина и околина.

 

-Морам да нагласам дека постојано работиме на унапредување на заштитата на животната околина. Се грижиме за хигиената во Општината, зазеленуваме парковски површини и ги облагородуваме дворовите на  основните училишта и детските градинки кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа. Со нашите училишта имаме одлична соработка во селекцијата на отпадот, и токму овој денешен настан има за цел , на нашите најмали и најмили карпошани од  првата училишна возраст да им ги всади здравите навики, за  заштита и  чување на природата и околината, нагласи Богоев.

 

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, потенцираше дека локалната самоуправа постојано вложува во инфраструктурните услови во училиштата и градинките, и му претставува задоволство што  токму ова училиште во  Карпош е  пионер во селекцијата и собирањето на отпадот. Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање , нагласи дека преку оваа акција ќе бидат поделени 10.000  моливи на првоодделенците,и дека после акцијата во „ Аврам Писевски“, ќе следат акции и во други училишта низ државата. Министерот за образование и наука Арбр Адеми, ја истакна важноста од раната  едукација и воспитание на учениците за заштита на животната средина, и го потенцираше училиштето „ Аврам Писевски“, како одличен пример за управување со пластичниот отпад, и како преку  тој начин се учат учениците на одговорност кон природата.