ЕДНОДЕЦЕНИСКА РАБОТА НА КРЕАТИВНИОТ ЦЕНТАР КАРПОШ
- септември 22, 2025
- 0
Во холот на основното училиште „Владо Тасевски“, вечерва на свечен начин беше одбележан 10 годишниот јубилеј од основањето на граѓанското здружение Креативен центар Карпош (КЦК). Покрај младите креативци, на манифестацијата присуствуваа и градоначалникот Стевчо Јакимовски, советничката од Општина Карпош, Прим. д-р Добрила Андоновска, како и претставници на основните училишта, компании и образовни институции.
Креативниот центар е формиран во 2015 година со финансиска и логистичка поддршка од Општина Карпош, а своите активности ги реализира во рамки на сите основни училишта на територија на локалната самоуправа. Имено, во состав на КЦК функционираат десет организациски единици (центри) кои се распоредени низ основните училишта во Карпош. Поточно, во секое училиште постои по еден центар во зависност од дејноста за која тој е специјализиран. Станува збор за центарот за аудиовизуелни уметности, за ботаника и микологија, дизајн и роботика, за екологија, за енергетика и климатски промени, потоа, центарот за храна, за космологија, за културно наследство, како и центрите за ракотворби и за зоологија.
Во рамки на свеченоста, идејниот творец на КЦК, проф. д-р Зоран Т. Поповски му врачи благодарница и статуетка на градоначалникот Стевчо Јакимовски, за несебичниот личен придонес во работата на Креативниот центар Карпош. Иста таква благодарница и статуетка доби и Општина Карпош, во чие име ја подигна членот на Советот, Прим. д-р Добрила Андоновска.
- Драго ми е што годините поминуваат а ние зад нас оставаме нешто добро, нешто навистина вредно. Наша задача како локална самоуправа беше таа иницијатива и желба на талентираните ученици кои сакаат да се занимаваат со наука, да ја подигнеме на едно повисоко ниво, нудејќи им соодветни услови за работа и едукација. Во таа насока сакам да ве информирам дека веќе наредната година планираме да ги зголемиме финансиските средства за стипендиите за основците, како и за поддршка на овој успешен проект. Притоа ви ветувам дека Општина Карпош и понатаму ќе го поттикнува и вреднува вашиот интелектуален труд – истакна Јакимовски.
Инаку, Креативниот центар досега организирал над 100 работилници во кои учествувале над 1.500 ученици, како и дечиња од предучилишна возраст. Десетте центри функционираат со финансиска поддршка од локалната самоуправа и преку донации, а истите располагаат со современа опрема која е ставена на располагање на младите научни ентузијасти.
Пред присутните се обрати и претседателката на КЦК, Александра Блажевска, која говореше за овој центар кој функционира како отворена платформа за сите млади истражувачи, уметници, иноватори и креативци.
- Од самиот почеток верував во идејата на професорот Зоран Поповски, дека на образовниот систем му е потребен еден ваков центар. Низ годините докажавме дека станува збор за ефикасна организација, која овозможува на сите заинтересирани ученици и наставници да го прават она што не можат во училницата. Навистина се гордеам со нашите активности и успеси на меѓународната сцена, особено со наградите кои ги освоивме на европско ниво. Се надевам дека и наредната декада ќе биде креативна за нас и дека ќе можеме заедно да се гордееме со успесите на нашите млади карпошани – додаде Блажевска.