ДРУГАРУВАЊЕ СО КАРПОШАНИ ЗА ДЕНОТ НА ЉУБОВТА И ВИНОТО
- февруари 12, 2016
- 0
По повод Денот на љубовта и виното, „ Свети Валентајн и Свети Tрифун “, на пригодно другарување во ресторанот „14-ка“, градоначалникот Стевчо Јакимовски, се сретна со осамените лица и дел од ранливите категории граѓани од оваа општина. При неговата средба со жителите, во знак на почит и грижа за овие лица, карпошанки добија по еден цвет. Првиот човек на локалната самоуправа, Јакимовски, по повод традиционалната претпразнична средба изјави:
–Денеска се дружиме со граѓаните кои се наоѓаат во специјална социјална состојба, без брачен другар, или без дел од своето семејство. Ова е одамна востановена практика на нашата Општина, која се повторува секоја година по повод Денот на вљубените „Св. Валентајн“ и „Св. Трифун“. Со неа, наоѓаме повод да бидеме со граѓаните и да им покажеме дека локалната самоуправа води грижа за сите, и дека се потруди да им помогне и да им се приближи и на ваков начин. Општината, им помога на своите сограѓани на најразлични начини, било да станува збор за материјална поддршка или со емпатија, помош, разбирање и другарување.
Ние ги помагаме сите невладини организации кои ги таргетираат овие групи, како и граѓаните кои се наоѓаат во потешка финансиска состојба, особено лицата со посебни потреби и оние кои се дел од социјално загрозените семејства.
На територија на Карпош имаме пет пензионерски клубови кои ги користат двете пензионерски друштва кои егзистираат во Општината, но, исто така, имаме формирано и социјална служба за стари, изнемоштени и болни лица, со цел да ги посетат и да им помогнат во делот на набавка на прехранбени производи. Јас сум горд и среќен што гледам дека нив тоа им годи, бидејќи денес тие се насмеани и задоволни, а тоа е она што ние како локална самоуправа сакаме да го видиме кај сите нив.
Оваа е шеста по ред хумана традиционална акција, која е во организација на Одделението за детска, здравствена и социјална заштита при Општина Карпош.