ДОНЕСЕНА ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ НА ОПШТИНА КАРПОШ
- декември 24, 2024
- 0
Во рамки на 59-тата седница која се одржа вечерва во просториите на Општина Карпош, Советот заседаваше по четири точки кои се најдоа на денешниот дневен ред, меѓу кои беше разгледувана Предлог – Програмата за урбанистичко планирање за 2025 година. Станува збор за годишната Програма за работење на Секторот за урбанизам при локалната самоуправа, за чии активности се предвидени 2.000.000 денари од општинскиот Буџет.
Според основните цели на оваа Програма се наведуваат мотивите за изработка на деталните урбанистички планови, што претставува усогласување на предметниот простор со основните поставки со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Во таа насока се приложува и целосна анализа за да се добие сумиран преглед на состојбите во просторот, како би можеле да оформат стратегии и да се преземат правилни мерки за одржлив развој на општината. По опширната дебата, мнозинството советници ја поддржаа оваа Предлог-Програма.
Советниците ја изгласаа и Предлог – Одлуката за одобрување на финансиски средства за одржување на Бадникови поворки во село Бардовци. За таа намена, Општината ќе одобри финансиски средства во висина од 100.000 денари. Членовите на Советот даде „зелено светло“ и за Одлуката за прифаќање на донација од КАМ маркет ДОО во вид на 300 детски новогодишни пакетчиња. Имено, Одделението за детска, социјална и здравствена заштита од Општина Карпош ќе ги подели донираните новогодишни пакетчиња, на дечињата кои доаѓаат од семејства кои се наоѓаат во социјален ризик. Потребната поддршка ја доби и Предлог – Одлуката за давање на согласност за издавање под закуп на објект во сопственост на Општина Карпош, на улица Разловечко востание бб. Станува збор за недвижен имот кој ќе се даде под закуп за вршење на јавна дејност – детска градинка, за период до 10 години.