ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА УСЛУГИТЕ ЗА ПОЛЕСНО ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА КАРПОШАНИ
- март 16, 2021
- 0
Дигитализацијата на јавните услуги придонесува за позадоволни граѓани, пониска корупција и поекспедитивна администрација. Преку мобилната апликација „мЗаедница“, општина Карпош воспостави комуникација со граѓаните, која сега се унапредува и прераснува во дигитализација на дел од општинските услуги. Основната цел е карпошани да можат да аплицираат за субвенции, еднократна помош преку електронски пат.
Ова беше посочено од градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев на денешниот онлајн настан: „Вклучување на заедницата во процесот на дигитализација на градовите“, организиран од Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“ и Македонската американска алумни асоцијација (МААА).
- Како општина ние ја сфативме потребата за двонасочна комуникација со граѓаните. Имаме стапка на одговор од 95 %, но што е најважно, по одговорот навистина преземаме иницијатива за да се реши определен проблем или да се реализира идеја. Сега, треба да се фокусираме на правилна обработка на податоците, како истите да ни помогнат во креирање на идни политики и следење на состојби на локално ниво, рече Богоев.
На настанот зборуваше и Ерик Гордон, професор на „Емерсон Колеџот“ во Бостон (САД), кој посочи дека и другите земји се соочени со предизвикот како правилно да се користи технологијата и сите современи дигитални алатки.
- Сепак, дигитализацијата на услугите е неминовен процес, кој на долг рок ќе овозможи граѓаните да ја вратат довербата во органите на управата, и тоа на долг рок, рече професорот Гордон.
Онлајн дискусијата ја модерираше Зорица Велковска, ко-основач на „Блинк 42-21“. Таа ја истакна успешната соработка со Карпош, кој придонесе „мЗаедница“ да стане атрактивна и посакувана мобилна апликација и за други општини.