Како дел од воспитниот процес на предучилишната установа „Распеана младост“ која се наоѓа во населбата Карпош 1, денеска најмладите карпошани беа добредојдени гости кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Повод за денешната посета на малите карпошани  беше изучување на различни професии кои се застапени во нашето општество, но исто така дечињата сакаа да се запознаат со првиот човек на локалната самоуправа и од него да дознаат подетално, како функционираат општинските служби.

                Во оваа пригода, љубопитните дечиња му поставуваа прашања на градоначалникот, а тој им објасни како изгледа еден негов работен ден, каква одговорност има тој во поглед на управување со локалната заедница, колку сектори брои општината и какви надлежности имаат тие. Кон крајот на средбата, дечињата му посакаа на Јакимовски успешна работна недела и му го честитаа претстојниот роденден на Општината (3. ноември).