ДЕЧИЊАТА ОД ГРАДИНКАТА „ПРОЛЕТ“ ДОБИЈА НОВИ ЕДУКАТИВНИ ИГРАЧКИ
- декември 24, 2024
- 0
Нешто повеќе од 12 години, Одделението за детска, здравствена и социјална заштита од Општина Карпош континуирано ја спроведува акцијата за обновување и унапредување на фондот на играчки и дидактички материјали, наменет за дечињата кои се згрижени во предучилишните установи во Карпош. По тој повод денеска, градоначалникот Стевчо Јакимовски ги посети дечињата кои престојуваат во градинката „Пролет“ во населбата Козле, при што им ги врачи новите дидактички материјали за работа и учење. Станува збор за едукативни материјали наменети за најмладите карпошани за чија набавка Општината од својот Буџет издвои околу 200.000 денари.
- Ми претставува задоволство што традиционално ја спроведуваме оваа акција за нашите најмали карпошани. Ние како институција ќе се погрижиме да го зголемиме фондот на дидактичкиот материјал кој значително влијае за подигнување на нивото на воспитно – образовниот процес во сите градинки на наша територија. Се надевам дека ќе наидеме на разбирање од Владата на Република Македонија која треба да ни овозможи повеќе вработувања на воспитувачки и негувателки, кои треба да придонесат за поквалитетно згрижување на нашите дечиња во предучилишните установи – истакна Јакимовски.
Инаку, според стратешките насоки на Одделението за детска, здравствена и социјална заштита од Општина Карпош, целта е да се повлечат од употреба старите нефункционални играчки и истите да бидат заменети со нови еколошки дидактички материјали. На овој начин треба да се постигне поквалитетен воспитно – образовен пристап, кој ќе влијае на подобрување на психо – физичкиот развој на децата. Имено, со оваа интеракција се очекува, најмалите карпошани преку поголема социјализација да стекнат работни навики и чувство за развивање на одговорно однесување.