Денеска, во дворот на црквата Св. ,,Пантелејмон”, Горно Нерези, во организација на Детскиот ликовен центар, а со поддршка од Општина Карпош, се одржа 17-тата  детска ликовна колонија. Во рамки на оваа културна манифестација, учествуваа ученици од десетте основни училишта на територија на Општина Карпош, како и ученици од збратимената општина, Нови Београд (Србија), и деца од  тамошниот детски културен центар.

Нивните творби беа инспирирани од мотиви на повеќе слободни теми од секојдневието, а помош и поддршка добиваа од своите ментори, наставниците по ликовно образование. Младите талентирани ученици ги пренесоа своите уметнички импресии на тврда подлога, користејќи ја техниката со темперни и акрилни бои.

На оваа традиционална манифестација присуствуваа претставници од одделение за образование и наука, како и раководителката Емилија Арсовска. Веќе утре, 17-тото издание на детската ликовна колонија ќе заврши со доделување на дипломите за учество на секој ученик, во дворот на библиотеката ,,Другарче”.