Во рамки на традиционалното Карпошово културно лето, денеска и утре, ќе  се одржува ликовен тематски спектакл под наслов ,,Мирисот на летото”, во дворот на Кинотеката на Македонија. Познавачите на уметничи дела и сите они граѓани кои се заљубени во ументоста, овој викенд ќе имаат можност да ги запознаат десетте врвни уметници, Сузана Ал Сакини, Маја Танева, Марија Светиева Ергас, Емилија Тоциновска, Владимир Лазоски, Харалампие Мачев –Хари, Илчо Симовски, Игор Поповски, Владимир Величковски и Стојче Тоциновски.

               Секретарот на локалната самоуправа, Ивана Ордевска, со поздравен говор, официјално ја отвори оваа ликовна манифестација, која е дел од Програмата на овогодинешното Карпошово културно лето.

               -Општина Карпош во континуитет ја негува ликовната уметност, па така под нејзино покровителство се негуваат низа ликовни настани повеќе од 15 години. Сведоци сме на ликовни хепенинзи, на кои сликаат дечиња од градинките, училиштата. Голем број ликовни колонии на кои учествувале уметници од целиот свет, освен домашните. Па така, како резултат на тоа, Општината поседува сериозна збирка на уметнички дела кои ги чува со особено внимание – посочи Ордевска.

Таа исто така се заблагодари на одредени личности, како Горан Михајлов – Мијалче и Зоран Поповски Рембрант, кои во координација со градоначалникот Јакимовски успешно, години наназад, ги подигнаа темелите на ликовните збиднувања во Карош. По поздравниот говор на Секретарот на локалната самоуправа, пред присутните, се обрати и Весна Поповска, координатор на општинскиот проект,, Негување и чување на уметнички дела”, која истакна дека е во тек подготовката на проектот за кој заслужни се уметниците од целиот свет како и домашните, и нивните безвременски ликовни дела, кои се цело богатство за локалната самоуправа, а ги има над 700-тини. Таа, во својата најава, даде огромна поддршка за ваквите настани, и посочи дека секое исцртано ликовно дело на платно, ќе биде дел од Збирката со уметнички и безвремени дела.

               Наредната недела, на плоштадот ,,Делфина”, продолжува културната манифестација, а на сцената ќе настапи младиот пејач Јасмин Алиевски, кого публиката го запозна во српското натпреварувачко шоу, ,,Ѕвездите на Гранд”, а веднаш потоа следува вечер на безвремена музика изведена од А.Ж.Х. Фрида од Македонија.