Делегација на Општина Л-Исла од Малта предводена од градоначалникот Клајв Пулис денеска беа во посета на Општина Карпош при што остварија средба со градоначалникот Стевчо Јакимовски. На средбата, покрај другото се разговараше и за тековните заеднички проекти на кои работат двете збратимени општини. Градоначалниците Јакимовски и Пулис во јануари годинава потпишаа меморандум за збратимување инициран од потребата за меѓународна соработка и учество во ЕУ проекти.

Тоа подразбира преземање на низа заеднички активности при аплицирање во проекти од областа на локалниот развој, енергетската ефикасност, квалитетот на локалните и социјалните услуги, инфраструктурата, младинските политики, како и проекти од полето на спортот и образованието. За време на посетата на општина Карпош, делегацијата од Малта ќе посети и неколку настани организирани во рамки на “Културно лето Карпош 2023”, а вечерва на платото на „Млечен“ со краток блок нумери пред карпошани ќе се престави младата малтешка пејачка Танаја Бринкат.