Градоначалниците на збратимените општини Карпош и Тиват, Стевчо Јакимовски и Жељко Комненовиќ, вчера потпишаа меморандум за соработка во областа на образованието. Станува збор за официјален документ со кој основните училишта од Карпош, „Димо Хаџи Димов“ и „Петар Поп Арсов“, создадоа правна рамка за соработка со основното училиште „Драго Миловиќ“ од Тиват.

Препознавајќи ги бенефитите на оваа меѓународна и меѓуопштинска соработка за промоција на училиштата, логично е дека од неа ќе произлезат и низа иницијативи, какви што се размената на практики за училишни и вонучилишни активности. Во таа насока, се отвора можност за изработка на заеднички програми на наставници и стручни соработници, како и организирање на заеднички истражувачки активности на основците, наставниците и стручните соработници. Во знак на одржување на добрата соработка и пријателските односи двете делегации си разменија пригодни подароци.