Вчеравечер, Македонскиот народен театар, беше претесно место да ги собере гостите кои беа поканети на одбележувањето на 60-от роденден на градинката ,,Мајски цвет” во Карпош. На јубилејниот настан, кој беше под мотото ,,Волшебниот свет на Мајскиот цвет”, дечињата од големите групи со својот музичко-сценски спектакл, ги забавуваа гостите кои будно со насмевки на лицата ги следеа и громогласно аплаудираа.

Имено, градинката „Мајски цвет“ веќе 60 години се води од јасна визија, да биде место каде што децата се чувствуваат сакани, поттикнати да истражуваат и да учат преку игра, се зборовите со кои директорката на градинката, Татјана Божиновска-Миладиновска го отвори свечениот настан. На јубилејното одбележување беше присутен и градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој во оваа пригода директорката на градинката му додели плакета во знак на благодарност за постојаната поддршка и унапредувањето на раниот детски развој во предучилишните установи.
-Пред се би сакал да ви го честитам јубилејниот роденден, 60 години не се малку. До оваа година дечињата одеа во реално стар објект, за кого колку можевме се грижевме, но отсега па натаму дечињата ќе престојуваат во целосно нова градина. Ќе имаме нови занимални, многу поголем простор и подобри услови за престој на нашите најмили. – рече Јакимовски. На роденденската забава, присуствуваа претставници од општинската администрација, од Министерствата, директори и други вработени од скопските градинки, како и пензионери кои својот работен век го поминале во градинката. На вчерашната манифестација, беа доделени и благодарници на лица кои со донации ја помогнаа работата на градинката.
На настанот, покрај родителите на дечињата учесници во претставата „Волшебниот свет на Мајскиот цвет“, беа поканети гости со кои градинката соработува и што секој од нив на свој начин придонесува за правилен раст и развој на децата, за применување современи практики во предучилишното воспитание и образование и одржување високи стандарди во секојдневните активности.