ВТОРА ГОДИНА ПО РЕД ООУ ,,ДИМО ХАЏИ ДИМОВ” ПОБЕДНИЦИ НА ХОРСКИОТ НАТПРЕВАР ВО КАРПОШ
- мај 23, 2025
- 0
Во присуство на родители и гости, денеска, во холот на ООУ ,,Димо Хаџи Димов”, традиционално, по шести пат се одржа хорско пеење меѓу деветте основни училишта во Карпош. На хорско-музичкиот хепенинг, освен што се почувствува натпреварувачкиот дух, присутните имаа можност да ги слушнат музичките ноти од едно грло, како распеан славеј. Па така, втора година по ред, победници се хористите од ООУ ,,Димо Хаџи Димов“ со композицијата ,,Adiemus” од Карл Јенкис, а под менторство на Невена Маркоска, кои добија парична награда од 40.000 денари. Второто место го освоија натпреварувачите од ООУ,,Петар Поп Арсов” под менторство на Лидија Водјаник кои во еден глас ја отпеаја нумерата,,Кај е ова жолто цвеќе”, и беа наградени со 20.000 денари. Како последно, трето, но исто толку важно место, го поделија две основни училишта и тоа, ООУ ,,Лазо Трповски”, кои се претставија со песната ,, Conquest od Paradise “ од Вангелис, под менторство на Кузман Маркоски, и ООУ ,,Јан Амос Коменски”, под менторство на Марија Златановска, а во изведба на нумерата ,,Пролет” од Феликс Менделсон Бартолди, кои на емотивен начин ја разнежнија атмосферата со изведбата и ја земаа паричната награда од по 5.000 денари за секое училиште посебно. Освоените парични награди ќе бидат наменети за потребите на училиштата.
Имено, по завршувањето на настапите на хоровите, на бината излегоа талентираните ученици- победници со својата изведба од манифестацијата ,,Карпош има талент” кои го освоија првото место од ООУ ,,Аврам Писевски”, со ромски танц на песната ,,Чае шукарије”. Веднаш по нив, се претставија учениците од ООУ „Владо Тасевски“, Мирчевски Каја и Митаноска Миа кои енергично танцуваа на песната ,,Mi Vida”. За тоа време, Комисијата која беше составена од советничките во Советот на општина Карпош, Добрила Андоновска и Невена Георгиевска, и професорите по музичка уметност од средните училишта на ниво на Град Скопје, Јасмина Беличанска, Јулија Карамитрова Огненоска и Данило Станковиќ, одлучуваа за најдобрите хористи за оваа година. На денешната манифестација присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој ја поздрави публиката и им ги врачи дипломите на трите освоени места, а членовите на жири-комисијата добија благодарници за нивниот професионален ангажман на хорскиот натпревар.
-Би сакал да ви честитам на одличната организација и на подготвените хорски изведби, и огромна благодарност до наставниците по музичко, очигледно доста се потрудиле. Посебно сакам да ја пофалам наставничката од ООУ,,Аврам Писевски“ за одличниот настап и заложба за својот хор, имајќи во предвид дека ова училиште има многу малку ученици. – рече Јакимовски.
Оттука, петта година по ред, беа доделени парични награди и за најдобар еко- училишен двор, а овогодинешниот победник е целиот тим заедно со учениците од ООУ ,,Димо Хаџи Димов”.