Под мотото „Цветови на другарството“  денеска, во ООУ „Јан Амос Коменски“  се одржа меѓуетничка мировната акција во која учествуваа основците од  партнер училиштето „Хасан Приштина“ од Општина Чаир.

Инаку,  „Коменски“ е првото училиште во  Општина Карпош кое се вклучи во мировната акција, која пак, е дел од  проектот за Меѓусебна интеграција во образованието во рамките на процесот за интегрирано образование во училиштата.

 

По тој повод, учениците организираа работилница на која се изработуваа книги, сликовници и шарени марами,  каде другарувајќи и запознавајќи се меѓусебно, спонтано организираа мировни игри.  Заедничкиот проект ќе се одвива во три фази, во кои ќе бидат вклучени вкупно 30 ученици од второ до петто одделение од двете училишта, заедно со одговорните наставници.

 

На државно ниво, во оваа акција учествуваат осум училишта, од кои во четири, наставата се одвива на македонски, а во останатите четири, на албански јазик.  Целта на проектот е преку организирани активности, основците да ги промовираат мултикултурализмот, човековите права, демократијата, социјалната праведност и еднаквост, а воедно да ги намалат стереотипите, предрасудите и дискриминацијата.