ВО КАРПОШ СЕ ПРИМЕНУВА НОВ МЕТОД НА УЧЕЊЕ ПРЕКУ ИГРА
- ноември 29, 2019
- 0
Во градинките „Орце Николов“ (Карпош 3) и „Мајски цвет“ (Тафталиџе 2) започна да пилотира Модуларната програма за учење на пресметковно размислување преку игра кај деца од предучилишна возраст. Односно, најмладите од три до шест години, преку игра и користење на посебни дидактички материјали ќе ги учат природните појави, годишните времиња, како и други области кои се во рамки на наставната програма за предучилишно образование.
За овој нов метод на учење преку игра, зелено светло дадоа и родителите, кои беа претходно информирани за придобивките од оваа програма, со која се овозможува развој на когнитивните и дигитални вештини кај децата.
Во оваа пригода, градоначалникот Стефан Богоев изрази задоволство што токму Карпош е првата локална самоуправа во која се воведува оваа програма, благодарејќи на позитивниот пристап и соработката на Едукативниот центар „Скампер“ :
- Преку оваа програма за модуларно учење децата ќе ја развиваат моториката и логиката, ќе дефинираат проблеми и преку комуникација ќе доаѓаат до решение. Живееме во ера на дигитализација, но малку заборавивме на директната комуникација. Затоа, нашата цел е спроведување на овој метод на учење и во сите други градинки во Карпош. Тука учениците ги стекнуваат првите навики и затоа нашата одговорност е огромна, рече Богоев.
Претставничката од „Скампер“, Тамара Димитрова истакна дека ќе се едуцира и воспитниот кадар, за правилна работа со децата.
Оваа програма за модуларно учење придонесува да се развие самодовербата, толеранцијата и љубопитноста кај најмладите, но и се креира стимулативна средина и натпреварувачки дух.
Општина Карпош продолжува да вложува во сеопфатно и инклузивно предучилишно образование. Покрај инфраструктурните зафати, значајно внимание се дава и на исхраната и воведувањето на здрави намирници, како и воведување на нови методи на учење.