Во организација на Креативниот центар-Карпош, денеска, во дворот на ООУ,,Вера Циривири-Трена “, се одржа завршниот настан од проектот насловен ,,Водно во Карпош-Карпош на Водно“. Општина Карпош е главниот поддржувач на активностите кои се спроведуваат во КЦК, а во чиј проект се изучува биодиверзитетот на парк-шумата Водно, како и  содржините на Водно во училиштата во Општина Карпош. Овој проект е финансиран од ЕУ преку Асоцијација на млади правници на Македонија од програмата ,,Младински активизам за позелени општини“.

            Во рамки на проектот, младите креативци – ученици од основните училишта во Општина Карпош изработија мерни инструменти за паралелно мерење на загаденоста на воздухот на Водно и во урбаниот дел на Општина Карпош, и тоа го направија преку четири мисии. Покрај тоа, преку четири експедиции, креативците се запознаа со живиот свет (флората, фауната и микрофлората) на Водно при што изработија, под менторство на експерти, збирки на растенија, габи и фотодокументација на животни кои живеат на Водно. Наставниот кадар од училиштата во Општина Карпош, вклучен во проектот, подготви наставни содржини за Водно по предметите природни науки и биологија кои  се изучуваат во рамки на редовната настава.

На настанот присуствуваше и градоначалникот Јакимовски кој ја поздрави оваа иницијатива и во оваа пригода истакна дека Општина Карпош и понатаму ќе поддржува активности од овој тип. По тој повод, се обрати основачот на КЦК, Зоран Поповски, кој накратко раскажа за проектот кој изминатиоов период се одвиваше со учениците вклуќени од десетте училишта.

-Добар дел од планината Водно се наоѓа во Карпош и целта на Креативниот центар Карпош беше да воспоставиме паралелен мониторинг на загаденоста на воздухот на падините на Водно и во урбаниот дел на Карпош. Учениците од десетте училишта на територија на Општина Карпош преку работилници, создадоа три мерни инструменти кои што еве сега се достапни практично за целокупната јавност. Може да се логира и да ја провери каква е состојбата моментот и на Водно и во Карпош. Вториот сегмент беше да се истражи живиот сегмент на Карпош, да се запознаат со хидрогеографските карактеристики, беа направени четири експедиции и денеска ќе бидат презентирани сите оние наоди, односно ќе ги претставиме растителните видови, габи, животни кои што егзистираат на плaнината Водно.

            Присутните, на денешниот саботен хепенинг, имаа можност да ги разгледаат активностите кои се одвивале во текот на изминатите месеци, како презентации на сработеното во рамки на проектот, како и тековни работилници.