Советот на Општина Карпош заседаваше на вонредна седница, при што беше разгледувана единствената точка која се најде на денешниот дневен ред. Имено, пред советниците беше доставена Одлуката за проширување на средствата на Буџетот на Општина Карпош за 2025 година, каде се врши проширување на финансиските средства во приходниот и расходниот дел.

Според образложението на самата Одлука, станува збор за Блок-дотации во програмата Н10 – Основно образование, преку кои се обезбедуваат средства во висина од 14.816.000 денари. Овие парични средства ќе бидат наменети за исплата на трошоците за електрична енергија и централно греење, на сите основни училишта на територија на локалната самоуправа. По кусата расправа, мнозинството советници од Карпош ја поддржаа оваа Предлог –Одлука. Инаку, Блок-дотациите претставуваат форма на финансиска поддршка што централната власт им ја доделува на локалните единици, а Општина Карпош одлучи да ги распореди овие средства за потребите на основните образовни институции.