По повод роденденот на Општина Карпош, трети ноември, градоначалникот  Јакимовски се сретна со евидентирани крводарители, кои се граѓани на Карпош и кои дарувале крв повеќе од 50 пати. Оваа драгоцена течност, во изминатите години, ја дарувале осум лица  кои продолжуваат и понатаму да бидат редовни дарувачи на крв. За прв пат  оваа година тројца вработени во администрацијата, се наградени како најчести крводарители и поддржувачи на крводарителските акции во Општина Карпош и пошироко.

Првиот човек на Општината, им додели благодарници за нивната солидарност и упорност, а беше доделена и скромна финансиска поддршка.

-По повод Денот на Општината, ги наградуваме оние кои што се хумани, а  тоа се нашите крводарители на Општина Карпош. На овие луѓе им доделивме благодарници и еднократна парична помош, како благодарност за нивниот хуман гест и солидарност. Инаку би сакал да споменам дека и јас сум крводарител  и би сакал да ги поттикнам сите тоа да го прават – рече Јакимовски и ги повика сите граѓани на Општина Карпош и пошироко активно да се вклучат во крводарителската акција која ќе се одржи на 31 октомври, во ООУ ,,Јан Амос Коменски”.