„АЈДЕ ДА ИГРАМЕ ШАХ“
- јуни 19, 2024
- 0
Градоначалникот Стевчо Јакимовски им честиташе на наставникот по шах ИМ Орце Данчевски и на ПОУ „Јахја Кемал“ за добиената златна награда од ФИДЕ за имплементирање на шах во училишната програма, што претставува највисоко глобално признание од Светската шаховска федерација. На средбата, претставниците од училиштето и интернационалниот мајстор Данчевски му се заблагодарија на градоначалникот за долгогодишната искрена и несебична поддршка за развојот на шахот во општината, благодарение на што во изминатите години општина Карпош стана вистински расадник на млади шаховски таленти. Златната награда од ФИДЕ е доделена на училиштето поради највисоко бодување на програмата за работа, материјалите и сеопфатноста во предавањата, интегрирање на шахот во образовната програма севкупно, висококвалификувани инструктори по шах, промоција на шаховските настани со медиумска покриеност како и промоција на социјална инклузија, финансирањето на шахот преку училишниот буџет. Јакимовски се договори со претставниците од училиштето Јахја Кемал нивниот проверен „рецепт“ за откривање и развој на млади шаховски таленти од идната учебна година да почне да се применува и во десетте општински училишта во Карпош со што оваа игра би станала уште подостапна за учење за сите деца во Карпош и тоа по највисоки светски стандарди. Наставникот Данчевски му подари на градоначалникот Јакимовски примерок од неговата книга „Ајде да играме шах“, која е прва илустрирана книга за шах во Македонија. Оваа книга која е спој на елементи од сликовница и енциклопедија претставува „буквар“ за младите шахисти, и е наменета за да им се дава поддршка на децата што побрзо да ја засакаат оваа игра, а на родителите да ги разберат придобивките од истата. Истовремено, во „Ајде да играме шах“ наставниците имаат одлично помошно средство во наставата.