По иницијатива  на Секторот Инспекторат при Општина Карпош, денеска започна неколкудневна акција за расчистување на теренот во У.З. Злокуќани, поточно на потегот кај игралиштето кое се наоѓа долж  кејот на реката Вардар. Во акцијата, која има за цел подобрување на јавната чистота во локалната самоуправа, се вклучени вработените од Општина Карпош задолжени за одржување на хигиената, кои ја користат сета механизација со која располага општината.

Притоа, координацијата ја водат инспекторите од  Секторот Инспекторат на Општина Карпош и Градот Скопје, а во извршување на теренските задачи учествуваат и екипите на ЈП Комунална хигиена на Град Скопје. Како со претходните акции така и со оваа, се очекува да се подобри хигиената во одредени делови на општината, но исто така и да се подигне свеста на населението кое живее во тој реон.

Во оваа пригода Општина Карпош апелира до граѓаните да го положуваат отпадот на места кои се предвидени за таа намена, соодветно да се грижат за околината во која живеат, со оглед на тоа што одржувањето на здравата животна средина влијае и на колективното здравје.