АГРЕСИЈАТА НЕ Е ОПЦИЈА ЗА КАРПОШАНИ
- декември 18, 2019
- 0
Веќе две години Општина Карпош воспостави нов принцип во носењето на деталните урбанистички планови. Од општина која беше жртва на урбаната мафија каде се носеа ДУП-ови по нејзин терк, денеска сме сведоци на отворен процес во кој граѓаните директно се вклучени при креирањето на политиките и развојот на Карпош.
На вчерашната закажана Јавна презентација граѓаните требаше да ги видат сите измени кои по нивно барање беа вметнати во Предлот ДУП-от Ј03 Блок 7, за потегот околу Трнодол, ако и само ако одредена група на граѓани, дозволеа одржување на истата презентација.
Вчера бевме сведоци на насилство и агресија, свесно направени, од политички и други побуди. Заканите, нападот на службено лице на Општина Карпош, уништувањето на инвентарот потсетија на едно минато време, кога ДУП-овите се носеа далеку од очите на јавноста.
Сепак, вчеравечер имаше и голем број на разумни и чесни граѓани, кои за жал беа изманипулирани и потпаднале под влијание на лажните информации. Не е точно дека градоначалникот Стефан Богоев јавно не зборувал за овој Предлог ДУП и бегал од граѓаните.
Жалиме што Записникот од одржаната средба меѓу засегнатите граѓани, службите и градоначалникот сега се смета за „лажен документ“, иако истиот е потпишан од присутните лица и се постигна согласност за сите суштински работи.
Иако сите клучни забелешки на граѓаните беа прифатени, одредена група свесно мораше да се измислува нови населби, и лажно да посочува дека Предлог ДУП-от се однесува за Жданец, што е целосна невистина.
Со цел да се избегнат лажните вести, уште минатата недела општинските служби и градоначалникот се сретнаа и на брифинг со новинари, а секојдневно ја продолжуваме комуникацијата со медиумските работници на оваа тема.
Целта на јавната презентација е стручните служби од Секторот за урбанизам и претставникот од планерската куќа, во детали, од стручен аспект да го објаснат Предлог ДУП-от, но и да одговорат на прашањата на сите заинтересирани граѓани.
Ништо нема да не поколеба да продолжиме со отвореноста на процесот. На веб страната на Карпош достапен е Предлог ДУП-от, со графички и текстуален дел (онака како што бараа граѓаните) и сите можат да се уверат во фактот дека предлозите поднесени од нив се веќе вметнати во Предлог ДУП-от.
Завршено е времето кога урбанистичките документи се криеја и истите беа носени за потребите на урбаната мафија.