ЏИФОНИ – УЧИЛНИЦА ЗА БЕЗБЕДЕН ИНТЕРНЕТ
- октомври 14, 2019
- 0
Што е лажен профил? Кој може да пишува во мое име? Како да се заштитам? – беа дел од поставените прашања, во првата подвижна училница која е поставена на територија на Карпош (на платото кај „Сити мол“), во рамки на Меѓународниот филмски фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, кој оваа година се одржува по седми пат во Скопје, од 12 до 17 октомври.
Una vita da social или во превод „Живот на социјалните мрежи“ е името на подвижната училница во која учениците учат за правилно користење на социјалните мрежи, безбедноста на Интернет и заштита на животната средина.
Оваа училница ќе ја посетат ученици од сите десет основни училишта во Карпош. Тука, најмладите добиваат повеќе информации за интернет просторот, како да ги користат социјалните мрежи, како да детектираат кога некој друг се претставува во нивно име, со кои механизми да препознаат навреди, говор на омраза и слично.
Исто така, училницата овозможува и повеќе знаења за заштита на животната средина, воздухот, водата и почвата, како и начините за правилна селекција на отпадот.
Во оваа подвижна училница, денеска присуствуваше и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев кој пред учениците зборуваше за паметното користење на технологијата и проектот за ограничена употреба на мобилните во наставата.
Животната средина и безбедното користење на Интернетот и ИТ технологијата се едни од најважните глобални теми, а речиси сите земји се соочени со загадување и различни сајбер напади. Овие едукативни работилници во подвижната училница имаат за цел да ја подигнат свеста кај најмладите за овие предизвици со кои се соочуваат во секојдневието.
Едукативните работилници се одржуваат од експертска екипа на Одделението за Комуникациска полиција од Италија, а во соработка со Министерството за внатрешни работи на Република С. Македонија и Амбасадата на Италија во Скопје.