ЈУБИЛЕЈЕН КОШАРКАРСКИ СПЕКТАКЛ ВО КАРПОШ: ИСКУСТВОТО ОД АДМИНИСТРАЦИЈАТА И ПРОФЕСОРИТЕ ПРОТИВ МЛАДИНСКИОТ ЕНТУЗИЈАЗАМ
- ноември 11, 2026
- 0
Во духот на одбележувањето на големиот јубилеј „50 години Општина Карпош“, вечерва, во спортската сала „Наум Наумовски Борче“ – Партизан, се одигра ревијален кошаркарски натпревар кој обедини повеќе генерации.
На спортскиот терен, силите ги одмерија екипата составена од вработени во општинската администрација и професори по физичко образование наспроти најдобрите млади кошаркари од основните училишта во Карпош. Натпреварот помеѓу струката и надежта, понуди возбудлива и динамична игра, неизвесност и вистинско спортското поврзување меѓу генерациите.
По одиграните четири четвртини, искуството пресуди – екипата на општинската администрација и професорите славеше победа со резултат 48:31.
Сепак, резултатот остана во втор план, затоа што предност имаше дружењето, спортскиот дух, ентузијазмот и поврзувањето на генерациите како дел од заедничката прослава за петдеценискиот јубилеј на Општина Карпош. Овој спортски настан уште еднаш покажа дека Карпош, со право важи за една од најспортските општини во државата, која континуирано вложува во развојот на училишниот и младинскиот спорт.
























