Општина Карпош во 2022 година ќе има буџет во висина од 485.263.000 денари, што е најмал буџет во последните 15 години, а трошоци од 530 милиони денари, соопшти Градоначалникот Стевчо Јакимовски во вчерашното обраќање до граѓаните преку социјалната мрежа Фејсбук. Причината за тоа е слабиот прилив на средства во општинската каса.

–          Буџетот законски се формира како просек од приходите во изминатите три години зголемен за 30%. Просекот на буџетски приход во изминатите три години бил многу низок: 390 милиони, 330 милиони и 340 милиони денари. Затоа во 2022 година ќе имаме историски најнизок буџет, објаснува Јакимовски.

Јакимовски најави дека новиот буџет нема да биде развоен, туку целта ќе биде да се стабилизира работењето на општината преку  одблокирање на сметката и максимално намалување на непродуктивните трошоци за да се ослободат средства за проекти. 

–          Гледаме максимално да намалиме трошоци каде што може да се крати. Најмногу кратевме кај времените вработувања. Карпош има прекумерен број на вработени, некаде околу 380, или годишно 156 милиони денари, односно 2.5 милиони евра само за плати на редовно и времено вработените во општината. Кратено е и од репрезентации, набавка на возила (иако голем број возила имаат поминато над 250.000 км), се откажавме од се што можевме, за да дојдеме до една сума да можеме да функционираме, да имаме тековно одржување. За да има средства за субвенции за полагање на возачки испити, за лифтовите, за крововите, и за други потреби, рече Јакимовски.

Градоначалникот изрази жалење дека  кога дошол на функцијата немало ниту еден проект за кој можел да распише тендер. Сега се работи на подготовка на повеќе од 25 проекти за улици, фасади, градинки, реконструкција на фасади на градинки итн.

Јакимовски рече дека е задоволен што за овие 50 дена општината вратила 72 милиони денари од 136 милиони  денари долг поради кои е блокирана сметката и во исто време си даде задача до март следната година целосно да се одблокира.

Тој соопшти дека врши напори преку финансиски институции, некаде кон средината на следната година да обезбеди дополнителни средства, со што потоа би се направил ребаланс на буџетот за да се ослободат повеќе пари кои би се насочиле кон програмите кои сега имаат минимални средства. Верува дека до тогаш би биле готови и нарачаните проекти за да може веднаш да се распишат тендери. 

–          Си давам задача да успееме некаде до март месец да ја деблокираме сметката на општина Карпош. За да можеме потоа средствата онаму каде што имаме намера да ги инвестираме. Или онаму каде што имаме намера да платиме – да платиме. Без да имаме и натаму блокади. Затоа во наредниот период ќе биде многу важно да не ни се случи некоја блокада од типот на онаа на Пуцко петрол, за која зборував пред две недели. Јас како градоначалник морам да се однесувам максимално совесно и одговорно и до крај да се бориме да не ни се случи некоја нова блокада. Тогаш не би можеле нормално да функционираме. Се надевам дека до шести месец ќе успееме да направиме и ребаланс на буџетот, а со тоа ќе успееме многу повеќе и поквалитетни проекти да изработиме заедно со граѓаните. До тогаш, најголем дел од проектите кои ни се нарачани да се изработуваат мислам дека би биле завршени, порача Јакимовски.

Линк од видеото:

https://fb.watch/aaCoGCUzgd/