ЈАКИМОВСКИ: СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ГИ УКИНАА СУБВЕНЦИИТЕ ЗА ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ И СТИПЕНДИИТЕ ЗА ТАЛЕНТИРАНИ СПОРТИСТИ ВО КАРПОШ
- декември 17, 2023
- 0
Талентираните спортисти од 8 и 9 одделение во општина Карпош нема повеќе да добиваат стипендии, соопшти градоначалникот Стевчо Јакимовски на денешната прес конференција нагласувајќи дека ова е само еден од проектите за младите карпошани предвидени за 2024 година кои не беа изгласани од „советниците од ВМРО-ДПМНЕ заедно со својата дружина во советот“.
Јакимовски со жалење ги информираше карпошани дека поради опструкциите на советниците на последната седница на Советот на Општина Карпош не беа изгласани бројни проекти од програмите за работа на општината за 2024 година кои предвидуваа поддршка за младите во општината, меѓу кои и проектот кој предвидува субвенционирање на обука за полагање на возачки испит.
„Обврската на градоначалникот советниците и вработените во општината е да даваат поддршка на проектите на граѓаните и да се радуваат ако има среќни и задоволни граѓани. Општина Карпош во изминативе 12-13 години се потруди да дава поддршка на сите категории на граѓани.
На пензионери, на младинци, на средношколци, на студенти, ученици, на децата од предучилишна возраст, на новороденчињата. За жал, има луѓе во општинскиот совет кои не сакаат да гледаат среќни и задоволни луѓе. Тие се чувствуваат несреќни ако друг е среќен. Па затоа се обидуваат или да им ја рѓосаат среќата или да им ја украдат. Е такви се советниците на ВМРО-ДПМНЕ и нивната дружина кои ја украдоа среќата на средношколците. Драги млади луѓе нема повеќе субвенции за возачки дозволи. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против овие субвенции. Талентираните ученици и спортисти од 8 и 9 одделение нема повеќе да добиваат стипендии а да потсетам, тројца фудбалери во македонската фудбалска репрезентација се карпошови стипендисти и еден наш стипендист е репрезентативец во кошаркарската репрезентација. Ја укинаа еднократната помош за спортисти за настапи надвор од земјата. Нема повеќе финансиска поддршка за спортски клубови. Се дрзнаа дури да кренат рака врз турнирот Сокол. Замислете го укинаа финансирањето на култниот турнир во мал фудбал во кој граѓаните на Карпош 1 и навивачите на Вардар секоја година се сеќаваат на својот трагично починат сограѓанин Оливер Соколов Сокол. ВМРО-ДПМНЕ и нивните соработници ја укинаа училишната спортска лига, не дозволија отворање на младински центар, нема поддршка за ватерполо турнирот, нема средства за најмладите жители на Карпош за да учат да пливаат.
За жал оваа забеганост отиде до таму што ја укинаа и поддршката на невладините организации, го запреа и најхуманото нешто- традиционалните карпошови крводарителски акции. Нема повеќе шаховски турнир.
Замислете тие се и против пензионерите. Ја запреа поддршката за пензионерските спортски игри, за 47 години постоење на општина Карпош овие се први луѓе на кои не им чинат вработените во општинската администрација.
Жал ми е што морам да соопштам дека не запреа тука. Нивното изживување продолжи и врз најмладите жители на Карпош, децата од предучилишна возраст. Гласаа против цветното дефиле, кој секоја година традиционално го прават дечињата од градинките. Ја укинаа и прекрасната манифестација „Карпош има талент“, се изјаснија и противдетската ликовна колонија, детските литературни конкурси, изложби, и како круна на се, тие се против прогласување на заслужни граѓани.
Има уште. За нив нема ништо свето. Ги укинаа финансиските средства за граѓаните на Нерези за прославата на Св. Пантелејмон, и за фрлање на крстот за Водици. Гласаа и против граѓаните на Влае и Злокуќани и нема средства за Св. Атанасиј. Нема повеќе поддршка за Ромите за Ѓурѓовден. Нема средства за бардовчани за Св. Тројца. За граѓаните од српска националност нема средства за Св. Сава, за Албанците за Ифтар, а за нережани нема поддршка за прослава за 8ми-Септември. Круна на се, нема прослава за 48 годишнината од постоењето на општина Карпош. Жал ми е што морам да соопштам дека ВМРО-ДПМНЕ независните и останатите нивни соработници со ова не удираат по мене како градоначалник, туку врз сите граѓани, а посебно врз младите. Јас имам положено возачки испит, а и моите синови и снаи, ниту пак имам осмооделенец за стипендирање, сите овие луѓе кои добиваат поддршка од општината не ги познавам. Оваа деструктивност, изгубеност, безидејност, на ВМРО-ДПМНЕ нашироко се манифестира не само во Карпош туку и во градот Скопје. Смешни се изговорите за бетонизации и згради зашто во изминатиот период гласаа и против урбанистички планови каде има само куќи“, изјави Јакимовски.