ЈАКИМОВСКИ ПРИСУСТВУВА НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НА ЗБРАТИМЕНАТА ОПШТИНА ТИВАТ
- ноември 21, 2024
- 0
Четиричлена делегација од Карпош предводена од градоначалникот Стевчо Јакимовски, членот на Општинскиот Совет, Александар Илиески и директорките на основните училишта „Димо Хаџи Димов“ и „Петар Поп Арсов“, Лела Николоска и Даниела Штерјова, деновиве на покана на градоначалникот на Тиват, Жељко Комненовиќ, присуствуваат на манифестацијата за одбележување на Деновите на оваа црногорска локална самоуправа. Според денешната агенда на домаќините, претставниците од Карпош предводени од градоначалникот Јакимовски кој воедно е и почесен граѓанин на Тиват, утрово беа дел од традиционалната трка на мирот „Иво Белан“, по што делегацијата се упати кон споменикот на паднатите борци од НОВ, каде во знак на почит беа положени венци со свежо цвеќе.
Во рамки на свеченоста, низ градските улици на Тиват беше организирано прекрасно дефиле, по што следуваше познатата церемонија на предавање на црногорското знаме на одредот на Бокељската морнарица, по повод одбележување на 21. ноември, односно денот кога се ослободени градовите Тиват и Котор. Притоа, беше изведен и традиционален танц стар 12 векови, со кој симболично Бокељската морнарица ги заштитува домаќините и нивните гости. Инаку, се смета дека оваа меморијална организација е втората најстара институција после црногорската Црква, а најверојатно и најстарата постоечка поморска институција во светот.
Оттука, се очекува општинската делегација од Карпош да присуствува и на Свечената седница на Општина Тиват, која треба да започне во 11 часот претпладне.