ШАХОВСКА СРЕДБА НА ГЕНЕРАЦИИ
- октомври 31, 2026
- 0
Денеска претпладне, во холот на Општина Карпош се одржа симултан шаховски натпревар, меѓу 85-годишниот шаховски интернационален мајстор, Димитар Илиевски, и триесетина дечиња од Карпош. Убавината на денешниот натпревар е што на шаховската табла се среќаваат шахисти од 5 до 85 годишна возраст. Оваа „симултанка“, беше одлична увертира за утрешниот шаховски турнир „Карпош Рапид“ кој ќе се одржи по повод одбележување на педесетгодишнината на локалната самоуправа, на кој ќе настапат околу 150 учесници од девет земји.
Шаховскиот натпревар официјално го прогласи за отворен, градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски, кој во оваа пригода му додели благодарница на искусниот интернационален мајстор, по повод 85 години живот, негување на спортскиот дух, посветеност кон шахот и создавање традиција што ги поврзува генерациите. Првиот човек на Општината истакна дека овој шаховски дуел е одлична можност, македонскиот интернационален мајстор да им го пренесе знаењето и искуството од древната игра на најмладите карпошани, велејќи дека шахот е совршен спорт за развивање на менталните и интелектуалните можности, особено за младите генерации.
- „Ми претставува голема чест и задоволство да присуствувам на оваа шаховска симултанка, каде што нашиот највозрасен и најискусен меѓународен шаховски мајстор, им ги пренесува тајните на најдревната игра на нашите млади шахисти. Би сакал да изразам и голема благодарност и до шаховскиот клуб ГАМБИТ asseco за сета нивна поддршка. Особено сум среќен што успеавме да ги заинтригираме нашите млади шаховски ентузијасти, денеска да дојдат и да го надградат своето знаење, учејќи од еден од најискусните мајстори на оваа игра. Ние како локална самоуправа, постојано ќе вложуваме средства, за да го подигнеме шахот во Општина Карпош, на едно повисоко ниво, особено со негова афирмација, помеѓу помладите наши сограѓани“ – нагласи Лукровски.
Инаку, Илиевски е првиот македонски шахист, што ја исполни и надмина рејтинг – нормата за титулата велемајстор, а во далечната 1972-ра година, а беше и 120-ти на светската рејтинг –листа, со освоени 2.460 поени. Исто така, тој е рекордер и по бројот на одиграни шаховски симултанки (повеќе од 350), а во 1981 година, играше против 58 противници, и забележа 49 победи, седум ремија и два порази. Во неговата богата шаховска кариера, тој ги има победено поранешните прваци на поранешна Југославија Драшко Велимировиќ, Албин Планинц, Душан Рајковиќ, Никола Караклаиќ и многу други.
- „Би сакал да се заблагодарам за поканата и воедно да ја поздравам оваа иницијатива на Општина Карпош за афирмација на шахот, особено пред помладата популација. Посебно ме радува оваа средба на генерации и сметам дека Општината воспоставува одлична пракса, бидејќи овозможи шахот да се изучува во основните училишта. Тоа ќе им помогне на младите луѓе да стекнат самодоверба и да ги развијат сопствените афинитети за изучување на математиката, уметноста и рационалниот пристап кон секојдневните обврски – посочи Илиевски.





























