Основците – ракометари од ООУ „ Христијан Тодоровски- Карпош“, се овогодинашни шампиони во училишната ракометна лига во организација на Општина Карпош. Во еден до крај неизвесен и возбудлив натпревар, учениците-репрезентативци на Христијан Тодоровски- Карпош, ги победија своите врсници од ОOУ „ Петар Поп Арсов“, со резултат од 19-16. На третото место се пласираа основците од  училиштето „ Аврам Писевски“, од Бардовци.

Претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј Манолев, од свое име и од името на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев им го честиташе освоеното прво место на ракометните шампиони и нагласи дека локалната самоуправа во континуитет ќе вложува во развој на спортот и спортските таленти.

 

-Општина Карпош секогаш важела за спортска општина, и со врвните резултати кои нашите спортисти ги постигнуваат на градско или државно ниво, тоа се потврдува. И  јас како спортски работник, и градоначалникот како млад човек, постојано и безрезервно ќе вложуваме во развојот и подигнувањето на квалитетот на спортот во Општина Карпош, се со цел нашите основци- таленти да се реализираат и како професионални спортисти, потенцираше Манолев.

 

Во категоријата најталентиран играч (девојчиња) е Ана Николовска од ОOУ „ Христијан Тодоровски – Карпош“, додека најдобар играч кај девојчињата е Мирјана Петковска од „ Вера  Циривири –Трена“. Најдобар голман е Марко Доневски, од OОУ „ Христијан Тодоровски- Карпош„, додека најефикасен стрелец е Виктор Додевски од ОOУ „ Лазо Трповски“. Најталентиран играч кај момчињата е Јован Фичорски од Петар Поп Арсов, додека за најдобар играч во оваа ракометна карпошова лига 2017/2018 година е прогласен Андреј Крстевски од ОOУ„ Христијан Тодоровски- Карпош“.