ЦРВЕНО-ЦРНАТА БОЈА ВО СРЦЕТО НА АНДРЕЈ
- мај 12, 2016
- 0
Домашната полица на Андреј со фудбалски пехари, медали, дипломи и многубројни признанија, е веќе исполнета. Карпошовиот талент, кој својата љубов кон фудбалот ја искажува на шест годишна возраст, секојдневно се труди и напорно работи на своето хоби, а тренира во ФК Вардар.
Андреј Данчевски – Данстак е ученик во четврто одделение во ООУ „Лазо Трповски“, кој, и покрај честите тренинзи, успева да постигне високи оцени и во своето училиште. Тој е еден од најистакнатите ученици, а особено важен предмет на кој најмногу посветува внимание е предметот по англиски јазик.
Иако Андреј е само четврто одделение, може да се пофали со исполнети викенди во текот на целата година, и тоа со спортски натпревари кои се дел од Вардар – јуниор лигата како и детската лига на ФФМ. Освен постигнатите резултати и тимски награди, тој особено се гордее на поединечните награди за најдобар голман на турнири и тоа: Детската лига на ФФМ 2014-2015, Топ Тим-Охрид, ЛЏ Куп (LG CUP) –Битола, Фер Плеј (FER PLAY) – Охрид, турнирот по повод 13 ноември, Стајковци – Скопје.
Изминатата година беше доста “плодна” спортска година за Данстак. Од десет домашни и меѓународни турнири на кои учествувал, на осум од нив има примено најмалку голови во својата генерација, 2006 година. Андреј е конкретен пример за тоа како еден добро подготвен спортист и одличен ученик, умее да го организира своето време, на кој начин се гради дисциплина, посветеност, друштвеност и љубов кон науката и спортот заедно.
Успешниот фудбалер досега има учествувано самостојно и групно и на училишни натпревари каде има освојувано и многу други награди. Дел од нив се натпреварите по математика-„Кенгур“, натпревар за изработка на летала кој се одржа во Германија, награди со настапи во играорна секција, во шах и во многу други области.
Младиот и надежен голман на фудбалскиот клуб Вардар, на кратко ни ги пренесе почетоците од неговото хоби, кој дефинитивно тргнал по вистинскиот пат.
– Започнав во Фудбалската школа „Форца“ каде тренирав три години. Желбата да бидам голман се роди малку подоцна, по една година тренирање. Тренерот Јовче Џипунов ме ротираше на сите позиции, но најмногу пофалби и од родителите и од тренерите добивав токму тогаш кога играв на позиција голман. Тоа ми се допадна и посакав да тренирам дополнително и за голман. Затоа, преминав во ФК Вардар, каде можев да имам голмански тренинзи и да учам од најдобриот тренер за голмани, Слободан Мутибариќ. Среќен сум што тренирам и играм за најдобриот клуб од Македонија, ФК Вардар, и што имаме одличен тренер на екипа, кој ни дава безрезервна поддршка, а тоа е тренерот Игор Кралевски. Црвено црната боја ја носам во срцето и секогаш на терен играм со сето мое срце.
Сега Андреј се подготвува за завршните натпревари во детската лига за оваа година и посакува повторно да биде најдобар голман со најмалку примени погодоци во фудбалската мрежа. Му посакуваме многу среќа на претстојните натпревари.