Многу деца, многу радост, многу младост! Во духот на иднината и  надежта на Карпош, со големо детско цветно дефиле, денеска заврши одбележувањето на Денот на општина Карпош 3-ти Ноември кога се навршуваат 46 години од основањето на општината.

Детското дефиле, под слоганот „Цветчињата на Карпош“,  појде од пред платото на Сити мол за да се слее на плоштадот „Делфина“ во Влае, каде што со пригодна програма дечињата од сите десет училишта и четири градинки кои постојат на територијата на локалната самоуправа, го прославија роденденот на нивната општина.

Со хорски, балетски, танцови и драмски изведби младите карпошани ја збогатија оваа традиционална манифестација. Како што најави Марија Јанчовска, ученичка од Карпош, но и модераторката на финалниот настан: „Ние, децата на Карпош, ние што сме тука родени, што тука учиме или учевме што секојдневно раснеме и израснавме во нашата најсакана општина,  не можеме а да не го одбележиме и нејзиниот роденден, зашто како често знаеме да кажеме: Роденден е денот што го сакаме, сакаме, чекаме. Така овој  настан е и наш придонес на роденденот на нашата општина.“

 Младите од Карпош ги поздрави и првиот човек на Општината, градоначалникот Стевчо Јакимовски кој во оваа пригода им се обрати на своите најмлади сограѓани:

 

  • Карпош има убави паркови, шеталишта, плоштади и места за дружба, но најубавото нешто во нашата општина се дечињата. Гледајќи ги овие млади лица, ја гледаме иднината и нивната подготвеност натаму да се развиваат низ системот на образование во Карпош. Наша задача е да ги одржуваме и подобруваме условите за работа на нашите најмлади жители и да создаваме услови за нивен развој. Многу сум горд што Карпош за овие 46 години израсна во една модерна локална самоуправа, и се претвори во една од водечките општини во нашата држава – истакна Јакимовски.

 

 

Во тој поглед, со децата од Карпош од предучилишна и училишна возраст започна и заврши повеќедневната манифестација „Денови на Карпош“, стартувајќи со училишните спортски игри, збогатена и со хуманитарни и ликовни манифестации, се до детското дефиле долж булеварите на Карпош.