Во пресрет на „Меѓународниот ден на медицинските сестри -12 мај,“ денеска  во градинката  „Орце Николов“  во Карпош 3 се одржи работилница  на  тема „ Хигиена на рацете“. На настанот присуствуваа  министерот за  здравство Венко Филипче, претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј Манолев, директорот на ЈЗУ „Здравствен дом-Скопје“ Злате Мехмедовиќ, како и претставнички од Здружението на медицински сестри. Претседателот на Советот Андреј Манолев, од негово лично име, и од името на градоначалникот се заблагодари за здравствената грижа и нега која  медицинските сестри им ја пружаат на најмалите жители на Општина Карпош.

 

– Исклучително сум горд, што во најстарата градинка во нашата земја , во градинката „Орце Николов“, се одвива оваа работилница, во неделата на одбележување на Меѓународниот ден на медицинските сестри, преку која, од најмала возраст треба да им се всадат хигиенските навики на миење на рацете, и колку е  тоа важна  за здравјето, истакна Манолев. Грижата за најмладата популација, нашите најмали и најмили сограѓани, отсекогаш биле приоритет на нашата локална самоуправа, Општина Карпош. Тоа се обидуваме да го оствариме со создавање на  добри услови за престој, со квалитетен и обучен воспитен и згрижувачки кадар, но, и придонесот на медицинските сестри е исклучително значаен. Тие се тие кои „бдеат“ над здравјето на дечињата, првите кои треба да ја пружат помошта доколку им е потребна, изјави претседателот на Советот на Карпош, Андреј Манолев.

 

Министерот за здравство Венко Филипче , потенцираше дека медицинските сестри во градинките се  многу битен кадар, кој  од здравствен аспект, ги учат  најмалите на хигиена и грижа за сопственото здравје. Филипче нагласи дека Министерството за здравство ќе работи на подобрување како на статусот, така и на условите во кои работат медицинските сестри, како и на вкупното подобрување на состојбите во јавното здравство.

 

Првиот човек во здравството и подари благодарница за долгогодишната работа на медицинската сестра Славица Митева, која над 40 години работи во детската градинка „13 ноември“ во Општина Центар.