Хет-трик на Кирил Георгиев
- април 7, 2016
- 0
По девет одиграни кола, вчеравечер во хотелот Александар Палас заврши играта на мудрите. Во присуство на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски и дел од натпреварувачите и љубителите на шахот, официјално се затвори “портата“ на шестиот по ред Меѓународен шаховски турнир „Карпош Опен 2016“. Велемајсторот на мисловната игра, бугарскиот врвен шахист, Кирил Георгиев трета година го освојува традиционалниот турнир. Во игра во деветтото коло со велемајсторот, молдавецот Дмитриј Светушкин, шаховскиот ас Георгиев избори победа и се искачи на врвот од табелата, а како второ пласиран заврши Светушкин. На финалната табела, третото место го зазема италијанецот Данил Двирни.
Директорот на турнирот и градоначалник, Стевчо Јакимовски, со поздравен говор до присутните упати комплименти за постигнатиот успех на натпреварувачите како и пофални зборови до организацијата на турнирот, пријателскиот шаховсиот клуб „Гамбит Асеко СЕЕ“. Тој ги додели наградите и по трет пат му го врачи пехарот на долгогодишниот пријател, бугаринот Кирил Георгиев.
Во категоријата на натпреварувачи до 18 години, најдобар беше данецот Мартин Печивалди со рејтинг од 2.306 поени. Во категоријата за најдобар натпреварувач над 65 години, со рејтинг од 2.282 поена победник е канаѓанецот Леон Пиасетски. На овогодинешниот турнир и жените натпреварувачи покажаа добра игра, па така во категоријата најдобар женски играч на врвот од табелата застана Сабрина Вега Гутиерез од Шпанија. Во категоријата за најдобар натпреварувач со рејтинг до 2.000 поени, на првото место заврши турчинот Јакуп Еригит, во категоријата со рејтинг до 2.200 поени, првото место го зазема турчинот Али Полатер, додека пак во категоријата со рејтинг до 2.450 поени, првото место го зема фиде мајсторот од Хрватска Леон Ливаич.
Оваа година наградниот фонд изнесуваше 10.000 евра, а за најдобриот шахист беа обезбедени 2.000 евра.