Деветтото Културно Карпошово лето нуди богата програма и изобилува со квалитетни изведувачи и концертно уживање. Оваа година, најголемата ѕвезда која го одбележа Карпошовото лето и која ги забавуваше карпошани, беше мега популарната босанса група „Хари Мата Хари“.

Оваа вечер плоштадот Делфина беше претесен за да ги собере љубителите на безвременскиот Хари Варешановиќ и неговите пријатели. Тој ги почести присутните со старите добри хитови, кои остануваат незаборавни. Силните овации и викотници од пред музичката сцена, дополнително ја загреаа атмосферата која  беше вистинско концертно доживување. Евровизискиот претставник ги потсети обожавателите на својот генијален хит „Лејла“, а дополнително прекрасно чуство беа отпеаните стихови од многубројната публика. Хари Мата Хари, пред расположената и разиграна публика, презентираше дел од песните од новиот албум „Килим“, кој беше големо изненадување за љубителите на квалитетниот звук. Четворочлениот бенд „Хари Мата Хари“, составен од Хари Варешановиќ, Изо Колетиќ, Карло Мартиновиќ и Нихад Володер, се пример како една група опстојува околу 30 години на балканскиот музички пазар. Многубројните албуми, кои се меѓу најпродаваните во Сараево и пошироко, како и настапите на многу познати фестивали ширум светот, ја докажуваат професионалноста и автентичноста на овој бенд. Карпошани и оваа летна вечер, знаеја на кој начин да се релаксираат и да се опуштат со моќниот глас на Хари и енергичните звуци на гитарата и тапаните.