Вчера,  традиционално, по деветти пат, во С.Ц „ Форца“ , се одржа меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на нашата музичка легенда Тоше Проески.

            Победник на овој турнир е екипата на „Мандра“, која во финалето ги победи  противниците од  „Крушево“ со 3:2 .  Бронзениот медал го освоија фудбалерите на „Лилича а Роши“, кои ги победија фудбалерите од Општина Карпош со резултат од 8:2. Овој турнир е во организација на здружението на стопанственици Власи „ Мандра“,  а Општина Карпош е покровител на истиот. Како што потенцираше градоначалникот на Општина Карпош Стефан  Богоев, Општината и понатаму ќе се сеќава на нашиот музички великан  Тодор Тоше Проески.

 

 

              -Јас  како млад  човек, а верувам и сите вие, пораснавме слушајќи ги песните на нашата музичка звезда. Тоше беше најдобриот амбасадор на нашата држава Република Македонија, и на најрепрезентативен начин не претставуваше онакви какви што сме: темпераментни, со жар и топлина. Се надевам дека наредната десетта јубилејна година од одбележувањето на неговиот роденден, ќе  организираме фудбалски турнир од меѓународен карактер, со учество на фудбалски екипи од соседството и пошироко од регионот, истакна градоначалникот Богоев.

 

По завршувањето на турнирот, кој се одигра во салата „ Форца“, победничкиот пехар и медалите на освојувачите им беа доделени  попладнето во хотелот „ Александар  Палас“.