Завршува изведбата на Спортско – адреналинскиот парк кај Алпинистичката карпа, долж Кејот на реката Вардар. Во овие моменти се работи на адреналинскиот дел и зиплајн (жичница), кои претставуваат авантуристичко-забавен сегмент, наменет за помладите жители на Карпош и Скопје.

 

Оваа локација е меѓу најпосетуваните рекреативни зони во градот. Затоа, спортските ентузијасти, наскоро ќе можат да ги користат новите игралишта за фудбал и одбојка на песок,  како и Алпинистичката карпа и тениските терени. За најмладата популација  е конструирано ново детско игралиште кое е опремено со современи забавни содржини. Според градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, овој специфичен парк ќе ја промени сликата за овој дел од главниот град, а токму овој проект е еден од неговите главни предизборни ветувања,

 

  • Младите ќе возат скејт, авантуристите ќе го искусат зиплајнот, децата ќе се рекреираат, а нивните родители, баби и дедовци ќе уживаат во уреденото зеленило.Сега, продолжуваме и со целосно раззеленување на потегот до мостот „Газела”, во соработка со Град Скопје.

Овој, Спортско – адреналински парк е одраз на поддршката на Европската Унија и нашата волја за заштита на животната средина. Денес, разговараме за нови паркови и детски игралишта, а не за узурпација на јавниот простор со нови згради. И тоа е најголема придобивка, рече Богоев.

 

Локална самоуправа неодамна информираше, дека во паркот се засадени и 70 нови дрвја, украсни растенија и тревна површина со систем за наводнување. Исто така, поставени се нови клупи за седење, како и корпи за отпадоци и држачи за велосипеди.

Овој јавен простор наскоро ќе биде достапен за граѓаните, а сите реквизити и терени ќе бидат под 24 часовно обезбедување.