ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ЛИЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ВО КАРПОШ
- декември 4, 2017
- 0
“Трансформација кон одржливо и еластично општество за сите” беше овогодинешното мото за Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.
Придружувајќи се кон него, Општина Карпош и оваа година додели еднократна парична помош од 4.000 денари на повеќе од 100 граѓани, лица со попреченост кои живеат на територија на Општина Карпош.
-Хуманоста и солидарноста треба да бидат наше секојдневие, а заложбата на Општината е грижа за овие лица 365 дена во годината. Само на тој начин ќе овозможиме подобри услови за лицата со попреченост и локална заедница која ги вклучува своите граѓани, потенцираше градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.
На денешниот настан беа посочени дел од проблемите со кои се соочуваат овие наши сограѓани. Беше истакната потребата од еднаков пристап и подигнување на јавната свест, особено во училиштата и меѓу младите луѓе за проблемите на оваа категорија сограѓани. Потребно е да живееме “едни со други, а не еден покрај друг”, изјави еден од присутните сограѓани на денешниот настан.
Градоначалникот Богоев истакна дека е потребна поголема поддршка и соработка со овие лица и граѓанските здруженија кои се борат за заштита на нивните права.
– Пристапните рампи и финанскиската помош се нешто што ќе продолжи да се реализира, но, треба да работиме и на одредени посуштински аспекти и на решавање на други проблеми од секојдневието на лицата за посебни потреби.
Меѓу приоритетите, ќе биде подготовка на сеопфатен регистар во кој ќе бидат наведени сите лица со попреченост во Општина Карпош. Сакаме да имаме вистинска слика за ситуацијата, и да подаваме рака кон сите граѓани, без дискриминација и селективност, изјави градоначалникот на Карпош
Овој хуманитарен настан се одржува по седми пат, а е во организација на Општина Карпош – Одделението за детска, здравствена и социјална заштита.