УШТЕ ЧЕТИРИ НОВИ ФАСАДИ ВО КОЗЛЕ
- мај 6, 2016
- 0
Реконструкцијата на фасади во Општина Карпош со енергетско-ефикасна заштита продолжува со воспоставената динамика. Денес првиот човек на локалната самоуправа Стевчо Јакимовски во изјава за медиумите ги образложи поволностите за граѓаните од обновувањето на фасадите, и ги повика заедно со Општината да учествуваат во замена и реконструкција и на покривите на нивните згради.
– Општина Карпош продолжува со реконструкција на фасадите. Во овој случај вршиме реконструкција на фасадите на зградите бр. 50, 52 , 28 и 30, спроти Студентскиот дом ,,Гоце Делчев’’ низите на ул. Јуриј Гагарин. Целата инвестиција се плаќа од буџетот на Општина Карпош и чини некаде околу 8 милиони денари. Во исто време пред зградите ќе биде реконструирана сервисната улица заедно со тротоарите и ќе бидат решени проблемите кои што ги имаат граѓаните со фекалната канализација.
– Сакам да ги повикам граѓаните,рече Јакимовски, кои живеат во зградите бр. 28, 30, 50 и 52, да направиме напори заедно со локалната самоуправа, да ги реконструираме покривите, со што практично овие згради ќе ги обезбедиме во наредните триесет години. Тоа значи дека покривите нема да протекуваат, ќе имаат термички фасади, и во зима ќе им овозможат помалку да трошат енергија за греење, а на лето за ладење. Со замената на покривите ќе поставиме и изолација од 20 см на највисоките делови, односно на најгорните спратови. Практично, граѓаните на Општина Карпош и со оваа дополнителна инвестиција ќе имаат многу големи заштеди во семејниот буџет за ладење и греење, појасни градоначалникот Јакимовски.
Општинскиот татко напомена дека целата реконструкција ќе биде завршена за четириесетина дена. Тоја најави дека оваа година Општина Карпош ги реконструира фасадите на зградите од левата страна на бул. Теодосиј Гологанов, додека наредната година ќе бидат реконструирани фасадите на зградите од другата страна на булеварот.