Продлабочување на соработката, овозможување на отворени зони за спорт и рекреација за жителите на Тафталиџе 1  и размена на искуства со директорите од општинските основни училишта, беа темите на разговор при денешната посета на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев со менаџментот на ПСУ „Јахја Кемал“, со генералниот директор Муса Теккојун, директорот за основно образование, Исмаил Ердил и директорот за средно образование, Ондер Озгурлу.

Ова приватно училиште е основано во 1996 година , со Одлука на Владата, а само во кампусот во Општина Карпош има три воспитно – образовни установи: градинка, основно училиште и гимназија.

 

Менаџментот на „Јахја Кемал“ изрази интерес, дел од дворот на училиштето да се стави на располагање и на околните жители. Имено, во соработка со Општина Карпош, се предвидува изведба на ново игралиште за кошарка и поставување на други реквизити за рекреација. Овие зони, во попладневните часови ќе можат да бидат користени од страна на граѓаните од Тафталиџе 1.

 

Градоначалникот Богоев посочи дека неодамна се направија нови терени за спорт во склоп на ООУ „Јан Амос Коменски“, но новите рекреативни зони се добредојдени и посакувани од сите.

Дополнително, ПСУ „Јахја Кемал“ изрази интерес за зголемена соработка со управите на општинските основни училишта, пренесување на искуства и комуникација која ќе овозможи нови знаење за учениците и професионален и кариерен развој на наставниот кадар.

 

Богоев придружуван од менаџментот на училиштето направи обиколка на целиот кампус. Во основното училиште учат 503 деца, во средно 340, а градинката ја посетуваат 42 дечиња. Учениците имаат можност постојано да го надградуваат своето знаење, а установата е опремена и со лаборатории, компјутерски центар, менза, спортски содржини, кино сала. Сите училници имаат smart табли, со што се овозможува поквалитетно следење на наставата.

 

 

Присутните изразија подготвеност за поголема соработка, а ПСУ „Јахја Кемал“, во рамки на општествената одговорност, ќе се отвори кон локалната заедница, токму преку можноста дел од просторот да го користат и околните жители.

 

На крајот, градоначалникот Богоев се потпиша во Книгата на почесни гости, посакувајќи им уште многу успеси на наставниот кадар и учениците од оваа воспитно –   образовна установа.