Во име на Општина Карпош, градоначалникот Стевчо Јакимовски денеска потпиша Меморандум за соработка со Академијата ЦЕС, која во претстојниот период ќе спроведе бесплатни професионални обуки за усовршување на наставниците од десетте основни училишта на територија на локалната самоуправа.

 

Инаку, Академијата ЦЕС е компанија која повеќе од 21 година работи активно на развој на човечкиот капитал. Во таа насока, академијата реализирала повеќе од 520 обуки, семинари и конференции, при што обучила над 35.000 учесници и со самото тоа изградила база од над 500 врвни експерти од различни образовни области. Станува збор за акредитирана установа од страна на Министерството за образование и наука, Центарот за образование за возрасни, Бирото за развој на образование, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и Центарот за стручно образование и обука.

 

Академијата ЦЕС досега има обучено преку 14.000 наставника од основно и средно образование, кои се стекнале со знаења од областа на иновациите и претприемништвото, креативните техники и методи во наставата, креирање на дигитални содржини, настава и учење во 21 век и создавање на иновативни училишта. Од неодамна, оваа компанија доби акредитација и за своите пет програми кои се однесуваат на инклузија и пристап во проучувањето на ученици со посебни образовни потреби, примена на иновативни интерактивни пристапи во наставата, учење пред истражување со работа на проект и решавање на проблеми, стратегии за менаџмент во училница, како и професионална соработка на наставниците преку заедници за учење, менторство и сл.