УСВОЕНИ ИЗВЕШТАИТЕ ЗА РЕАЛИЗИРАНИТЕ ПРОГРАМИ НА ОПШТИНА КАРПОШ
- јануари 29, 2021
- 0
Советот на општина Карпош, денеска ги усвои извештаите за годишните програми за работа кои ги реализираа секторите и одделенијата од локалната самоуправа, во текот на 2020 година. Поточно, станува збор за 15 темелни програми, од областа на урбанистичкото планирање и уредување на градежното земјиште, екологијата и енергетската ефикасност, развој на Општината, образованието и културата, спортот, детската, социјалната и здравствената заштита.
Со истата динамика беа усвоени извештаите за реализираните програми за активностите на Општината од областа на информатичката технологија, заштитата и спасување на граѓаните и материјалните добра, развојот на месната самоуправа, како и за еднаквите можности меѓу мажите и жените и програмата за односи со јавноста.
Со 13 гласа за, пет против и еден воздржан, советниците од Карпош дадоа „зелено светло“ за физибилити студијата за воспоставување на ЕСКО моделот на јавно-приватно партнерство, во чии рамки ќе биде реконструирано јавното осветлување во општина Карпош. Во иста насока беше изгласана предлог-одлуката за утврдување на референтна потрошувачка и условите на експлоатација на електрична енергија за јавно осветлување. Со оваа одлука, ќе бидат заменети сите светилки на територија на Општината со штедливo ЛЕД осветлување. На овој начин, преку намалена потрошувачка на енергија и намалени емисии на CO2 во воздухот, се унапредува животната средина.
Советниците од Карпош ја прифатија иницијативата за изменување и дополнување на Статутот на Општината според која, се формира Партиципативно тело од областа на урбанизмот. Овој орган ќе ги пренесува ставовите и мислењата на граѓаните и правните лица во процесот на урбанистичкото планирање, ќе ги следи состојбите и ќе дава иницијативни насоки и сугестии во процесот на планирање и изготвување плански решенија за Општината.
Во рамки на денешната 52. Седница, советниците гласаа позитивно по Предлог-Одлуката за субвенционирање на ужинки за учениците во општинските основни училишта на општина Карпош. Со оваа одлука се утврдува субвенционирање на ужинки за учениците од 1-3 одделение во основните училишта на општина Карпош за учебната 2020/2021 година и субвенционирање на ужинки за учениците од 1-9 одделение за учебната 2021/2022 година во висина од 50% од износот на месечниот надоместок.
Советот го усвои и Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 01.01.2020 година до 31.12.2020 година.