ТРЕТА НАГРАДА НА УНЕСКО ЗА ООУ „ЛАЗО ТРПОВСКИ“ ОД КАРПОШ
- ноември 2, 2021
- 0
На меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 кој традиционално се одржува во јапонскиот главен град Токио, седмоодделенката Лара Станчева од ООУ „Лазо Трповски“ го освои високото трето место. Прозната творба на карпошанката Лара Станчева е под наслов „Fire of life“ (Оган на животот).
Наградата е освоена во силна конкуренција, поточно, на натпреварот учествуваа 28.217 учесници од 161 земја.
Ние како држава учествуваме веќе десеттина години, но, за прв пат после десет години Република Северна Македонија освојува волку висок пласман. На годинешниот натпревар конкурираа лични прозни творби напишани во форма на есеи на тема „Смислата на животот“. Училиштето „Лазо Трповски“ од Карпош на овој реномиран меѓународен натпревар го претставуваа три ученички, координирани од предметниот наставник по германски јазик, Стефан Симовски.
Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО. Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.
Наградата на наградената седмоодделенка Лара Станчева и на менторот Стефан Симовски ќе им бидат врачени на пригодна свеченост, во декември годинава од амбасадорот на кралството Јапонија, н.е. Савада Хиронори.