ТОРТИЈАДАТА ДОНЕСЕ 135.000 ДЕНАРИ ДОНАЦИЈА
- февруари 27, 2016
- 0
По изложувањето на прекрасните торти во Т.Ц. ,,Скопје Сити Мол“, свечениот дел од манифестацијата ,,Тортијада-Слатка мистерија 2016 ‘’ , продолжи вчеравечер во хотелот ,, Гранит’’. Во убава атмосфера, збогатена и со музички перформанс, беа прогласени најдобрите торти во две категории.
Во категоријата ,,Аматери’’ , признанието отиде кај три вредни домаќинки, кои се занимаваат со правење слатки и торти. Светлана Димовска од Гази Баба е победникот во оваа категорија, додека второто и третото место им припадна на Лилјана Јанкуловска и Сузе Ѓоргиевска. Во категоријата ,, Професионалци’’ , награди им беа доделени на три афирмирани слаткарници од градот Скопје. ,,Специјал’’ oд Ѓорче Петров е првонаграден во оваа категорија, додека кај ,,Аромати Чоколади’’ од Карпош и ,,Шехерезада’’ од Кисела Вода отидоа втората и третата награда. Како домаќин на оваа десетта јубилејна манисфетација гостите ги поздрави претседателот на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаровски.
– Голема чест ми претставува што Општина Карпош е домаќин на оваа десетта јубилејна тортијада, и од името на градоначалникот на Општината, сакам да ви се заблагодарам за присуството оваа вечер. Општина Карпош секогаш ги поддржувала манифестациите од хуман карактер и токму од таа причина сме собрани тука. Се надевам средствата кои ќе бидат донирани, ќе му помогнат на еден наш сограѓанин од Карпош, изјави Лазаровски.
Како секоја година, така и оваа, со лицитирање за најубавите торти, беа собрани парични средства, кои ќе бидат искористени во хуманитарна цел. Вкупната сума која беше собрана како донација на општините од градот Скопје и од присутните вечерта е 135.000 денари.