СУБВЕНЦИИ ЗА ЛИФТОВИ И КРОВНИ ПОКРИВАЧИ
- март 31, 2022
- 0
Во просториите на амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, денеска Советот на Општина Карпош заседаваше по седми пат, каде што советниците расправаа по 49 точки од дневниот ред.
На почетокот на седницата, се обрати претставничката на група граѓани кои се засегнати поради неможноста да ги остварат своите права поврзани со ДУП-от З09 (Тафталиџе кај Млечен). Станува збор за ДУП којшто е донесен во март 2017 година, но поради технички пропуст Уставниот суд го укинува на 30.06.2021 година. Во согласност со законските регулативи, општинските служби го отстранија овој пропуст и како таков го доставија до Советот на Општина Карпош за усвојување. Во оваа пригода, претставничката на засегнатите граѓани апелираше до Советот да го стави овој ДУП на дневниот ред на некоја од наредните седници а советниците да го изгласааат истиот, со цел граѓаните да можат да ги остварат своите законско загарантирани права.
Во продолжение на седницата, советниците ја изгласаа одлуката за финансиска поддршка за поправка на постоечки лифтови и поставување нови лифтови во станбени згради за колективно домување, на територија на локалната самоуправа.
Станува збор за субвенционирање кое ќе биде поддржано со финансиски средства од буџетот на Општина Карпош за 2022 година по принципот прв дојден – прв услужен, а акцијата ќе трае до исцрпување на финансиските средства за таа намена. Општината ќе субвенционира 30%, но не повеќе од 250.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправката (санацијата) или поставување на нов лифт. Притоа, сопствениците на станови во станбените згради за колективно домување ќе ги обезбедат останатите финансиски средства во висина од најмалку 70% од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата. Вкупниот фонд на финансиската поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување нови лифтови изнесува 2.000.000 денари.
Со истата динамика, Советот ја одобри одлуката за обезбедување на финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на станбени згради за колективното домување и замена на азбестни покриви на индивидуални станбени објекти (куќи) во Општина Карпош. За оваа намена, локалната самоуправа обезбеди финансиски средства од својот буџет во висина од 3.000.000 денари, преку Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на Општина Карпош за 2022 година.
Според условите, Општината ќе субвенционира за колективни станбени објекти 30% но не повеќе од 200.000 денари, од вкупниот износ на вредноста на поправка и санација на кровен покривач за секоја одобрена апликација, поднесена од Заедница на станари или Управителот на станбената зграда врз основа на доставената најприфатлива понуда за материјали и работни позиции. Сопствениците на станови во станбените згради за колективно домување ќе ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од најмалку 70% од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата.
За индивидуални станбени објекти (куќи), Општина Карпош ќе субвенционира 30%, но не повеќе од 75.000 денари од вкупниот износ на вредноста на замената на азбестниот покрив, за секоја одобрена апликација. Во овој случај, сопствениците на индивидуалните станбени објекти (куќи), ќе ги обезбедат останатите финансиски средства во висина од најмалку 70% од вкупниот износ од вредноста на инвестицијата и истото ќе го потврдат со изјави заверени на нотар.
Во претстојниот период, Општина Карпош ќе објави Јавен повик за најдобро уреден ЕКО- училишен двор во рамки на општинските основните училишта на своја територија. Висината на наградите за најдобро уреден ЕКО-училишен двор ќе изнесува 50.000 денари за прворангираното училиште, потоа 30.000 денари за второрангираното, додека пак треторангираното училиште ќе добие 20.000 денари.
Постапката за избор на најдобро уреден ЕКО-училишен двор на основните училишта на територија на Општина Карпош за 2022 година ќе ја спроведе комисија, формирана од страна на градоначалникот на Општина Карпош, според критериуми кои ќе бидат наведени во самиот Јавен повик. Комисијата ќе биде составена од седум члена, од кои пет ќе бидат од Советот на Општина Карпош на предлог на Комисијата за прашања на верификација, мандатни прашања, избор и именувања. Останатите два члена на комисијата ќе ја сочинуваат вработени во општинската администрација на Карпош, кои ќе бидат без право на одлучување.
Во понатамошниот тек на седницата, советниците дадоа „зелено светло“ за усвојување на едногодишниот краток Акционен план за спроведување на мерки и активности дефинирани со ЛЕАП 2 (Локален Еколошки Акционен План) за 2022 година. Општина Карпош во рамките на својот финансиски и кадровски потенцијал, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и останатите општини во град Скопје, вложува напори да го одржи и поправи нивото на квалитетот на животната средина.
Во согласност со финансиските можности како средства во буџетот за реализација на овој акциски план во 2022 година, проектирани се вкупно 1.850.000 денари. Овие средства ќе бидат искористени за најнеопходните мерки и активности што треба да ги превземе локалната самоуправа во претстојниот период.
Советот одобри и неколку одлуки за поддршка на проекти од областа на културата. Имено, беше одобрена одлуката за обезбедување на финансиска поддршка за Фолклорното аматерско здружение – Ансамбл „Етнос“ во износ од 50.000 денари. Со истата динамика беа одобрени и финансиски средства во висина од 40.000 денари, за поддршка на Здружението на граѓани за инклузивно и неформално образование и развој „КРЕО-АКСИС“ – Скопје. Општина Карпош обезбеди финансиска поддршка и за Здружението „МЛАДИНСКИ ФОРУМ ЗА СОРАБОТКА“ – Скопје во износ од 35.000 денари.
Со поддршка на советниците од Карпош, детската градинка „Орце Николов“ доби согласност за донесување на Програма за советувалиште за родители и деца – „Растеме заедно“.
Мисијата на советувалиштето е да се овозможи проток на информации, знаења, вештини и поддршка на родителите во исполнување на родителската улога и нивните одговорности, кои треба да влијаат позитивно на растот и развојот на децата во градинката. Работата на советувалиштето ќе ја врши стручен и професионален тим составен од педагог, психолог, доктор на медицина и воспитувач. Преку советодавна и стручна помош, тимот ќе овозможи поддршка на родителите во однос на растот и развојот на децата, воспитувањето, образованието, исхраната, негата и здравјето. Советувалиштето ќе функционира во рамки на детската градинка со работно време во понеделник, среда и петок од 12:00 до 14:00 часот, во просторија адаптирана за нејзините потреби. Притоа, доколку родителите сакаат да закажат средба во советувалиштето, тоа можат да го сторат преку телефон или пак преку електронска пошта.
Советот ја одобри и одлуката за прифаќање на донација со која Друштво за трговија „БЛУ ЧИП“ Дооел – Скопје (Комодита хом), ќе донира 29 душеци кои се наменети како помош на социјално загрозените лица кои живеат на територијата на Карпош. Вредноста на оваа донација изнесува 146.225 денари со вклучен ДДВ.
Советниците гласаа и за предлог – одлуките со кои се прави техничка исправка за ГП 1.4.17 од ДУП за населба Влае 1, дел А, како и за ГП 1.7 од ДУП за населба Маврово и водовод (Општина Карпош), кои ги изработи Друштвото за проектирање, ревизија и надзор „ЗУМ проект“ ДОО Скопје. Во таа насока беше поддржан и предлог – урбанистичкиот проект со план за парцелација на ГП 18.14 од УПС за село Бардовци, со разработка на блокови 1,2,3,4,5,6,7,8,9,10,11,12,17 и 18 со намена А1.1 – станбени куќи на КП 973/3, катастарска општина Бардовци (Општина Карпош).