СТИПЕНДИИ ЗА 14 НАЈТАЛЕНТИРАНИ УЧЕНИЦИ-СПОРТИСТИ ВО КАРПОШ
- октомври 30, 2019
- 0
Во прекрасна атмосфера, со многу игра, забава, но и возбуда, денеска, во еко – училницата, во дворот на ООУ „Владо Тасевски“ во Козле официјално им беа доделени решенијата за стипендии на најталентираните ученици – спортисти од општинските основни училишта од Карпош, за учебната 2019/2020. Станува збор за 14 талентирани млади спортисти од осмо и деветто одделение кои имаат постигнати врвни резултати на репрезентативно или индивидуално ниво во одбојка, бадминтон, кошарка, пливање, фудбал, атлетика, тенис и борење.
Решенијата на најдобрите основци – спортисти им ги врачи градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев кој во оваа пригода рече:
-Среќен сум што денеска сум тука со вас, во новата еко – училница во „Владо Тасевски“. Токму овој и ваков простор кој е искреиран тука е една од причините зошто Карпош е различен од другите. Во Карпош има ученици кои создаваат и креираат од рани години. Тука учат ученици кои се креативни и сами создаваат шанси, а не чекаат од друг. И јас и Општината сме горди на вас!
-Ние, како Општина постојано се трудиме дополнително да ве поддржуваме, да бидете уште подобри. Затоа денеска даваме стипендии на талентираните ученици – спортисти, а за неколку дена ќе ги доделиме стипендиите и за нашите млади научници, рече во своето пригодно обраќањето Богоев, при што на младите спортисти им порача дека финансиската поддршка треба да ја гледаат како мотив плус и да знаат дека некој го следи нивниот талент и развој.
Најдобрите ученици-спортисти беа избрани врз основа на објавениот јавен оглас од Општината на почетокот на септември, на кој аплицираа 20 ученици од школите во Карпош, при што, најдобри од најдобрите, во следните осум месеци ќе бидат стипендирани во две категориии со по 2.000, односно 3.000 денари, а тоа се: Фани Поповски за постигнувањата во одбојка, Карло Димовски, Марио Џон и Филип Дочински во кошарка, Снежана Тунеска во атлетика, Никола Шашков и Петар Цоњконски во бадмингтон, Калина Стојановска, Павле Стојчевски и Јана Милковска во пливање, Леона и Теона Топаловски во борење, Борјан Ѓуковиќ во тенис и Андреј Данчевски Данстак во фудбал.
Честитајќи им на годинешните добитници градоначалникот Богоев им порача дека Општината и натаму ќе продолжи да инвестираме младите. Тој потсети дека во ова училиште, неодамна беше санирана училишната спортска сала, со цел овие и сите други ученици да спортуваат во подобри услови, а Општината и натаму ќе продолжи да инвестира во младите од секој друг аспект.