СТАРТ НА УЧИЛИШНИТЕ ЛИГИ ВО КАРПОШ-2016
- септември 21, 2016
- 0
Во вистинска навивачка атмосфера и веќе подготвени за нови спортски предизвици и резултати, денеска, официјално беа отворени спортските училишни лиги во Општина Карпош за учебната 2016/2017 година.
Учениците-спортисти ќе си ги одмерат силите во одбојка, фудбал, кошарка, шах, а оваа година за прв пат ќе се игра и ракомет. Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во својот поздравен говор дополнително ги „загреа” спортистите со потсетување на наградите кои победниците ќе ги добијат, како и добивките со коишто ќе се здобијат со постигнувањата во спортските лиги.
-Среќни сме што вложените средства во спортот се враќаат назад со освоени први места од страна на училиштата и тоа на државно ниво. Ние сме општина која најмногу издвојува од буџетот за спорт, се со цел младите луѓе да ги навикнеме да спортуваат и од нив да излезе некој талент кој во иднина ќе ги брани боите на својата земја. Изминатите години сите првопласирани и второпласирани беа наградени со патики, тренерки и севкупно со спортска опрема, како и со парична награда, а исто така беа наградени и со седумневен одмор во Тиват. Оваа година наградата останува со тоа што оваа година седумдневниот одмор ќе биде во Грција. Ова го правиме со цел што повеќе да ги стимулираме младите луѓе да спортуваат и да знаат дека Општината стои зад нив, а тие да редат спортски успеси – рече Јакимовски.
Ова е последна година кога спортските училишни лиги ќе се играат на туѓи спортски терени, бидејќи Јакимовски најави изградба на нова спортска сала во рамките на ООУ „Лазо Трповски“, во која ќе се играат и натпревари на спортски клубови кои се наоѓаат на територија на Општина Карпош. Во состав на спортската сала, првиот човек на Општината, најави и базен за потребите на учениците од прво до девето одделение во рамките на часовите по физичко воспитување.