Екипите на Општина Карпош и порталот „zase.mk“ со победа во првото коло го означија почетокот на  третата по ред „Бизнис Баскет Лигата“ 2017/18, која започна викендов, в сабота, во салата на  Спортскиот центар „Форца“. Карпошани ја совладаа екипата на ЈСП – Скопје со 2:1, а тимот на „zase.mk “ беа убедливи против составот на „Ендава“ со 2:0 во добиени меѓусебни натпревари. Организатор на  баскет лигата е С.Ц  „Форца“, а покровител е локалната самоуправа од Карпош.

 

                        Оваа година во аматерското кошаркарско натпреварување ќе учествуваат девет екипи, кои ќе ги одмерат своите сили во есенски и пролетен дел.  Баскет лигата официјално ја прогласи за отворена, претседателот на Советот на Општина Карпош, Душко Весковски, кој во оваа пригода на натпреварувачите им посака успех во претстојните дуели и нагласи дека Општината ќе продолжи да ги поддржува спортските манифестации од овој тип.

 

                        За трите првопласирани екипи се предвидени соодветни награди. Победниците ќе патуваат во Грција, второпласираните во Бугарија, додека пак, третата екипа ќе има можност бесплатно да ја користи спортската сала во С.Ц „Форца“.