СТАРТУВАШЕ КАРПОШОВО ЛЕТО – ВЕЧЕРВА КАРОЛИНА ВО КАРПОШ
- август 27, 2021
- 0
Вчеравечер се одржа првата вечер од „Културно лето – Карпош“. Дождот не беше причина за да се соберат повеќе генерации на граѓани, кои согласно протоколите за заштита од КОВИД – 19 со музика и песни уживаа во убавата летна вечер.
Културниот настан започна со детска програма, каде што настапуваа талентираните деца од фестивалот „Поточиња“. По подолго време, детскиот џагор и смеа повторно го исполни Карпош и видлива беше радоста кај најмладите, но и кај нивните родители, баби и дедовци.
Посебен шмек на вечерта даде и актерот Игор Ангелов, кој е водител на настанот. Тој е препознатлив меѓу младите, но и повозрасните граѓани, и нè наврати кон урбаниот и маалски живот кој е белег на Карпош.
Програмата продолжи со популарното музичко дуо, Александар Митевски & Драган Спасов – Дац. Тие беа меѓу најпопуларните артисти во ек на пандемијата. А, веројатно со песната „Вакцина“, која има милионски прегледи беа и пионери во кампањата за поттикнување на вакцинација.
Ги повикуме сите карпошани и граѓани на Скопје, вечерва да ни се приклучат на платото на „Млечен“ (пред кафулето „Ли“), каде што ќе се одржи целовечерен концерт на Каролина Гочева, но предвиден е и детски дел, како и сет на DJ Баже од Antenna 5.
Линк до целата програма: https://bit.ly/3BvnoMb